Општина Битола објави конкурс за доделување на наградата „4-ти Ноември“

Битола, 23 септември 2024 (МИА) – Општина Битола објави конкурс за доделување на највисоките признанија во градот кои традиционално се врачуваат на денот на ослободувањето на Битола, 4-ти Ноември.

Според конкурсните услови, наградата може да биде доделена на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и други сегменти од животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на општината, Република Северна Македонија и светот.

Наградата се доделува во две категории, односно за едногодишни достигнувања и награда за животно дело што претставува заокружена, континуирана творечка целина.

Објавениот конкурс ќе биде затворен на 24 октомври, соопштија од Општина Битола.

Од Марјан Танушевски, Битола Извор МИА

Сподели ја оваа објава