Македонија во последната деценија се соочува со континуиран демографски пад, но податоците покажуваат дека тој тренд не ги погодува сите заедници подеднакво. Додека кај македонското население се бележи изразен негативен природен прираст, кај албанската заедница бројките и понатаму остануваат позитивни, објавува EuroNews Albania.
На ниво на држава, регистрирани се 16.061 живородени деца и 20.201 починати лица, што резултира со вкупен негативен природен прираст. Сепак, анализата по етничка структура открива значителни разлики.
Кај македонското население биле регистрирани 6.841 раѓање и дури 14.760 смртни случаи, што значи негативно салдо од 7.919 лица. Практично, на секои 100 новородени, следуваат околу 216 починати, што укажува на забрзано стареење и намалување на населението.
Од друга страна, кај албанската заедница се евидентирани 5.473 раѓања и 3.309 смртни случаи, со позитивен природен прираст од 2.164 лица. Кај нив, на секои 100 раѓања има околу 60 смртни случаи, што овозможува природен раст дури и во услови на емиграција.
Општинска слика: поделени трендови
Податоците по општини дополнително ја нагласуваат демографската поларизација:
- Арачиново: +138 (Македонци +2, Албанци +133)
- Скопје (вкупно): –17 (Македонци –1.395, Албанци +1.287)
- Карпош: –244 (Македонци –242, Албанци +1)
- Кисела Вода: –258 (Македонци –253)
- Битола: –459 (Македонци –774, Албанци –15)
- Чаир: +351 (Македонци –100, Албанци +427)
- Сарај: +332 (Македонци +3, Албанци +329)
- Студеничани: +137 (Македонци +1, Албанци +84)
Долгорочни последици и политички реакции
Аналитичарите предупредуваат дека овие демографски промени ќе имаат директно влијание врз образовниот систем, пазарот на трудот, пензискиот фонд, но и врз политичката и економската рамнотежа во земјата во наредните децении.
Во минатото, државата се обидуваше да го стимулира наталитетот преку мерки како месечни надоместоци за трето и четврто дете, но ефектите беа ограничени. Во поново време, се најавуваат нови демографски политики, меѓу кои и субвенции за домување за млади парови, со цел да се олесни формирањето семејства.
Контроверзии во јавноста предизвика и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека самците би можеле да бидат дополнително оданочени, што беше протолкувано како тестирање на јавното мислење и наиде на остри реакции.
ИЗВОР: EuroNews Albania

