Интервју со Александар Георгиевски, актуелен градоначалник на Општина Илинден и кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за претстојните избори.
1. Почитуван господин Георгиевски, се кандидирате за втор мандат за градоначалник на Општина Илинден, како ја дефинирате Вашата визија за идниот развој на општината?
АГ: Мојата визија за идниот развој е општина Илинден да биде економски атрактивна, безбедна, урбанизирана општина, со развиена патна и комунална инфраструктура. Општина во која се нудат квалитетни образовни, социјални и здравствени услуги и општина со инклузивна локална самоуправа која е во служба на своите граѓани и партнер на локалните компании.
2. Кои се клучните стратешки приоритети што ќе ги поставите во фокусот на Вашиот мандат?
АГ: Како главни стратешки приоритети би ги потенцирал: локалниот економски развој, комуналната инфраструктура, животната средина, образованието, социјалната заштита, културата и спортот, но не помалку важни се и останатите области за кои исто така имаме конкретни проекти и решенија.
3. Какви механизми ќе бидат воведени за намалување на вработеноста, посебно кај младата популација?
АГ: Со оглед на тоа што општина Илинден е особено препознатлива по локалните економски зони и индустријата која постои на територија на општина Илинден генерално во Општината имаме ниска невработеност односно невработеноста не е повеќе од 2%. Затоа ние повеќе ќе се насочиме кон стимулирање на индивидуалните бизниси и занаетчиството кај младите луѓе за што воведуваме мерка за финансиска поддршка на млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Токму оваа мерка има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развој на локалната економија.
4. Како ќе обезбедите транспарентност во трошењето на јавните средства?
АГ: Кога сме кај транспарентноста морам да напоменам дека општина Илинден е една од најтранспарентните општини во државата каде според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации за мерење на степенот за активна транспарентност на државните институции, активната транспарентност на општина Илинден за 2025 е 97,1% што е огромен пораст за разлика од пред 4 години кога ја презедовме општината кога овој процент беше 46,4%.
5. Има ли план за зголемување на зелените површини и за ревитализација на веќе постоечките?
АГ: Секако дека еден од главните приоритети ни е зачувувањето на животната средина. Во тој дел предвидуваме неколку проекти како што се изградба на паркови низ повеќе населени места во Општината, но главниот проект ни е Проектот,, Зелена општина Илинден кој има за цел унапредување на еколошката свест, зголемување на зелените површини како и подобрување на квалитетот на животната средина. Имено овој проект и во минатите 4 години го спроведувавме во континуитет и беа засадени над 30.000 садници на многу урбани и рурални делови од Општината.
6. Што лично Ве мотивираше да влезете во локалната политика и да се кандидирате за градоначалник?
АГ: Со оглед дека мојата кандидатура е за втор мандат, мојата мотивација за овој мандат е да изградиме современа, уредена и просперитетна општина. Во изминатиот мандат реализиравме многу значајни проекти и докажавме дека иако со ограничени ресурси, но со чесен пристап, визија и истрајност може да се постигнат големи дела. Сега пред нас постојат нови предизвици, но и можности за развој и напредок на нашата Општина.
7. Ако би можеле да оставите само една работа како наследство од вашиот мандат, што би било тоа?
АГ: Неблагодарно е да се издвои само една работа или еден проект, но можам да кажам дека чесниот и отворен пристап кон работата, отвореноста кон граѓаните и домаќинското работење се основните постулати на коишто би требало да се гради еден мандат.
8. Со која порака ќе им се обратите на жителите на Општина Илинден?
АГ: Мојата порака е едноставна: драги сограѓани без разлика на вашата политичка припадност, верски или етнички идентитет да се обединиме околу она што е заедничко и поважно од се, а тоа е создавање подобар живот за нашите семејства, за нашите деца и за генерациите што доаѓаат. Да продолжиме со работа и да го изградиме Илинден каков што го заслужуваме – модерен, европски и напреден.
Наташа Заовска

