Интервју со Сашко Митовски, актуелен градоначалник на Општина Крива Паланка и кандидат за градоначалник на претстојните избори од редовите на СДСМ и Коалицијата.
1. Господин Митовски, Вие сте актуелен градоначалник на Крива Паланка. Што Ве мотивираше повторно да се кандидирате за “татко” на градот?
СМ: Како актуелен градоначалник на Крива Паланка, мојата повторна кандидатура произлегува од искрената посветеност кон граѓаните и желбата да ги продолжиме започнатите проекти кои веќе покажуваат резултати.
Во изминатиот мандат, заедно со мојот тим, вложивме многу труд во подобрување на инфраструктурата, образованието, културата и економскиот развој на општината. Гледајќи ги промените што ги постигнавме, реални и видливи резултати во секој сегмент на општественото делување, но и потенцијалот што сè уште постои, чувствувам обврска да продолжам да работам за доброто на Крива Паланка.
Секогаш нагласувам, и ќе повторам и сега, најголем мотив ми се граѓаните, нивната доверба, поддршката и препознавање на вложениот труд и енергија за решавање на нивните секојдневни потреби, како и нивната визија за иднината на нашиот град. Верувам дека заедно можеме уште повеќе.
2. Доколку ја добиете поддршката за нов мандат, што ќе биде Ваш приоритет во првите 100 дена?
СМ: Доколку ја добијам поддршката за нов мандат, првите 100 дена ќе бидат фокусирани на конкретни, видливи и реални чекори кои ќе значат продолжение на темпото на работа како и до сега. Во првите 100 дена ќе се фокусираме на најнеопходните проекти што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните. Тоа значи почеток на инфраструктурни зафати каде најмногу е неопходно и во урбаниот, и во руралниот дел на општината.
Ќе продолжиме со инвестиции во детска и спортска инфраструктура, бидејќи младите и семејствата се во срцето на нашите политики. Паралелно, ќе ги активираме и социјалните мерки што ги најавивме, особено за повозрасните и ранливите категории. Во тие први 100 дена, сакаме да покажеме енергија, доследност и вистинска посветеност со јасен почеток, темпо и план.
3. Крива Паланка важи за граничен и транзитен град. Како планирате да го искористите тој потенцијал за економски развој?
СМ: Апсолутно, Крива Паланка има навистина уникатна позиција и како граничен град, и како природна и културна дестинација. Затоа, во следниот период фокусот ќе биде токму на тоа да го разбудиме туристичкиот и економскиот потенцијал на градот.
Како граничен град со висока фреквенција на патници и транспорт, планираме Крива Паланка да ја позиционираме како сервисно, трговско и туристичко јадро. Ќе поттикнеме инвестиции во мали и средни бизниси како локални занаети, угостителски објекти, маркети со автентични производи, бензински и сервисни станици. Дополнително, преку подобрување на граничната инфраструктура и соработка со соседни општини и прекугранични проекти, ќе се создаде поволна клима за нови работни места, регионална размена и зголемена потрошувачка. Целта е патниците да не само што поминуваат, туку да застанат, купат, престојуваат да ѝ дадат вредност на локалната економија. Не забораваме ни на поврзаноста со Општина Ранковце како дел од новата изборна програма ни е воспоставување меѓуопштински линиски превоз, кој е особено важен за ученици, работници, повозрасни лица.
Работиме и на нешто што одамна го посакуваме развој на Калин Камен како зимска и рекреативна зона. Ќе се уреди мини ски патека, ќе се постави ски лифт, ќе се предвиди инфраструктура што ќе го зачува природниот амбиент, а ќе овозможи и активен, и семеен туризам.
Исто така, отвораме Туристичко биро каде што секој посетител ќе може да добие информации, предлози, па и да се приклучи на водени тури или локални активности.
Целта ни е Крива Паланка да не биде само транзит, туку дестинација. Да се задржат луѓето, да доаѓаат туристи, да се отворат повеќе мали бизниси, и да се живее уште поубаво.
4. Како општината се справува со отпадот и дали се предвидени нови решенија за рециклирање?
СМ: Во изминатиот период, Општина Крива Паланка навистина интензивно работи на унапредување на системот за управување со отпадот и одржување на јавната хигиена.
Како резултат на тие напори, ја добивме и наградата за втор најчист град во државата, што за нас е голема мотивација да продолжиме со уште поконкретни чекори.
Во моментов се реализираат повеќе мерки: започнавме со селекција на специфични типови отпад текстилен, електричен, стакло и хартија, поставивме специјализирани садови т.н “зелени ѕвона“, а наскоро ќе има и нови типизирани контејнери. Дополнително, планираме поставување подземни контејнери, што ќе значи покултурно и поефикасно собирање отпад без непријатни миризби. Со ова очекуваме подобра урбана слика и заштита на јавното здравје.
Целта ни е да изградиме одржлив систем што ќе обезбеди чиста и зелена Крива Паланка не само сега, туку и во иднина.
5. Дали е предвидено подобрување на локалната патна мрежа, особено во руралните делови?
СМ: Ако земеме во предвид дека во само еден мандат се асфалтирани речиси 50 улици од вкупно 70 регистрирани, тоа е доволен показател за нашата посветеност кон патната инфраструктура и обезбедување на безбедни и пристапни патишта до секој дел на градот, до секој еден сограѓанин.
Во изминатиот период, реализиравме сериозни капитални проекти кои го менуваат обликот на инфраструктурата во Крива Паланка и околината. Изградбата на магистралниот пат А2, кој е дел од Коридорот 8 и ја поврзува Крива Паланка со Деве Баир, како и пуштањето во употреба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, значително ја подобрија сообраќајната поврзаност, ја зголемија безбедноста и отворија нови економски можности за регионот.
Покрај тоа, се фокусираме на руралните средини каде во секое село активно се работи на реконструкција и изградба на локални патишта, канализација, водовод, спортски и детски игралишта. Овие проекти не се само подобрување на патната мрежа, туку и конкретна инвестиција во квалитетот на живот на нашите сограѓани, отворајќи ги вратите за економски развој, туризам и поголема безбедност во секој дел од општината.
Нашата визија е јасна континуиран и рамномерен развој на целата патна и општинска инфраструктура, со посебен акцент на руралните места кои долго беа запоставени. Како дел од новата изборна програма се вклучени инфраструктурни проекти во секое населено место. Посебно внимание посветуваме на развојот на руралните средини во општина Крива Паланка, каде што активно се работи на реконструкција и изградба на локални патишта во села како Кркља, Жидилово, Костур, Узем, Дурачка Река, Станци, Варовиште, Б’с, Кошари, Дрење, Киселица, Добровница, Трново, Градец, Тлминци, Трнци, Мала и Голема Црцорија, Лукe, Подржи Коњ, Мождивњак, Длабочица, Мартиница, Огут и Нерав.
Овие инвестиции се темелот на одржливиот развој на Крива Паланка и регионите што ги поврзуваме.
6. Како планирате да ја зголемите транспарентноста на работата на општината кон граѓаните?
СМ: Ме радува што веќе имаме значајни резултати во насока на зголемување на транспарентноста и довербата кај нашите граѓани. Една од нашите клучни цели беше воспоставување ефикасна и достапна општинска администрација, каде што граѓаните можат брзо, лесно и транспарентно да ги добијат сите потребни информации и услуги.
Од 2022 година, преку платформата мЗаедница создадовме современ и мобилен канал за комуникација, кој овозможува електронско поднесување на барања, директна двонасочна комуникација со општината, увид во статусот на предмети, пристап до актуелни и завршени програми за субвенции, како и архивирање на поднесените документи. Оваа иновација значително го олесни секојдневниот контакт со администрацијата, особено за граѓаните кои не се во можност да ја посетат физички општината.
Резултатите се видливи: забрзани постапки, намален број на жалби и зголемена доверба од страна на граѓаните. Нашите напори се препознаени и на национално ниво во 2025 година Крива Паланка доби признание за највисок индекс на отвореност, со високи индекси на активна и фискална транспарентност, слободен пристап до информации од јавен карактер и постојана ажурираност на веб-страницата на општината.
Овој модел на работа покажа дека општината може да биде брза, функционална и блиска до граѓаните, и токму тој пат ќе продолжиме да го следиме и во следниот мандат, со цел уште поголема транспарентност и вклученост на граѓаните во процесите на локалната самоуправа.
7. Крива Паланка има богата културна историја. Како планирате да ја поддржите и промовирате?
СМ: Апсолутно, Крива Паланка отсекогаш била град со богата културна традиција и токму таа традиција е дел од нашиот идентитет. Ние не само што ја негуваме, туку и активно работиме на тоа да ја развиваме, да ја направиме достапна за младите генерации и да ја претставиме пред пошироката јавност.
Во изминатиот период вложувавме и во луѓето и во инфраструктурата во културата. Поддржани беа културните работници, се уреди и опреми ентериерот на повеќенаменската сала во Центарот за култура, а веќе имаме и изработена проектно-техничка документација за нов, модерен изглед на самиот објект. Во моментов се работи на проширување на музејскиот простор, како и на нов проект “Музеј на отворено“, со што ќе добиеме уште едно автентично место каде ќе се оживува и раскажува нашата историја.
Минатата година реализиравме над 150 културни настани, и со голема гордост ја носевме титулата „Град на културата 2024“, што за нас е потврда дека правиме вистински чекори. Традиционално ги организираме локалните културни манифестации како Кривопаланечко културно лето, Невестинско поклонение, Меѓународниот фолклорниот фестивал, Новогодишен базар, традиционалните празници како Сусурига, Водици, Велигден… Преку нив ја оживуваме нашата традиција и ја пренесуваме на младите, но и привлекуваме гости и туристи.
Но, нашите планови се и пошироки пред нас се повеќе конкретни проекти. Во план е реконструкција на зградата на старото радио, кое ќе го претвориме во простор за младите. Потоа, целосна реконструкција на Центарот за култура со нова опрема и енергетски ефикасен систем, што ќе овозможи подобри услови за филм, театар, концерти, изложби и други активности. Просторот околу Градскиот музеј ќе добие сосема нов изглед, прилагоден за граѓани и посетители. Сè на сè, културата за нас не е дополнување туку суштина. Вложуваме во неа со јасна намера: да ја чуваме нашата историја, да ја оживееме традицијата и да создадеме жив, модерен културен живот за сите генерации во Крива Паланка.
8. Која е најголемата лекција што ја научивте во вашиот досегашен мандат?
СМ: Најголемата лекција што ја научив во изминатиот мандат е дека луѓето не очекуваат чуда и “златни кули“, туку искреност, посветеност и доследност. Граѓаните многу добро знаат што значи реалност, а што ветување. И затоа, секоја мала промена, секој завршен проект, секое одржано ветување гради доверба која не се купува со зборови, туку со дела.
И токму таа девиза ме водеше напред, сите овие години, да се посветам на граѓаните со дела, со посветеност и доследност, не со големи зборови, туку со реални, конкретни работи.
Научив и дека слушањето е понекогаш поважно од зборувањето. Кога вистински ги слушате луѓето нивните проблеми, идеи, грижи тогаш доаѓаат и вистинските решенија. Работевме на терен, меѓу народот, со отворена врата, и тоа беше нашата најголема сила.
Исто така, сфатив дека транспарентноста и отчетноста не се само обврска, туку и клуч за долгорочна поддршка. Кога редовно им објаснувате на граѓаните каде оди секој денар, зошто нешто се прави или не може да се направи веднаш тие тоа го ценат.
На крајот на денот, оваа функција ме научи да бидам подобар човек затоа што секој ден си опкружен со реални човечки судбини, очекувања, потреби. И токму тоа е најголемата одговорност да не ја изгубиш таа човечка страна, без разлика на функцијата.
9. На крајот, која порака сакате да им ја испратите на граѓаните на Крива Паланка?
СМ: Сакам да им порачам едно, овде сум за вас, и продолжувам да бидам тука за вас. Не ветувам невозможни работи, туку реална, посветена работа како што работевме досега.
Мојата мисија е Крива Паланка да биде мирно, безбедно и убаво место за живеење за сите нас, за нашите деца, за секое семејство. Да создадеме средина каде што младите ќе сакаат да останат, а повозрасните ќе живеат достоинствено. Се гордеам со сè што направивме заедно досега,но знам дека има уште многу што треба да се сработи. Верувам во нашата заедница, верувам во Крива Паланка и со ваша поддршка, ќе продолжиме уште посилно напред.
Наташа Заовска

