Коалицијата за заштита на децата јавно реагираше на најавите за воведување на сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, обвинувајќи дека ваквата програма добила „политичка поддршка“ од владини функционери и дека содржините што ги промовираат одредени граѓански организации се несоодветни и штетни за децата.
Во соопштението, Коалицијата наведува дека програмата за ССО, која според нив е застапувана од ЛГБТИ+ организацијата ХЕРА, содржи ставови и материјали кои, како што тврдат, ја релативизираат биолошката разлика меѓу половите, го промовираат концептот на „флуиден родов идентитет“ и отвораат чувствителни теми за сексуалноста на многу рана возраст.
Коалицијата посочува дека во јавни материјали и изјави на ХЕРА се застапува ставот дека сексуалниот и родовиот идентитет се флуидни категории, дека не постои единствен „нормален“ облик на сексуална ориентација, како и дека одлуката за прв сексуален однос треба да се базира исклучиво на лична желба и информираност, без оглед на возраста. Овие ставови, според Коалицијата, се контрадикторни и можат да доведат до рано сексуализирање на децата.
Во реакцијата се критикува и начинот на кој, според Коалицијата, се третираат теми како мастурбацијата, порнографијата, фетишите и различните форми на сексуални односи, за кои се тврди дека се прикажуваат како прифатливи и „нормални“, доколку постои согласност меѓу учесниците. Овие содржини, како што наведуваат од Коалицијата, не треба да бидат дел од образовниот систем наменет за деца и млади.
Дополнително, Коалицијата изразува загриженост дека преку концепти како „хетеронормативност“ се врши притисок врз децата да прифатат одредени идеолошки ставови, при што несогласувањето може да доведе до етикетирање како „хомофобија“. Според нив, ваквиот пристап создава атмосфера на страв и наметната прифатливост, наместо слободно и критичко размислување.
Од Коалицијата за заштита на децата апелираат до родителите внимателно да се информираат за содржините на сеопфатното сексуално образование и да се вклучат во јавната дебата, со цел, како што велат, „да се заштитат децата од несоодветни и идеолошки наметнати образовни програми“.

