Македонската дијаспора е една од побројните во Германија. Според официјалните податоци на пописот во 2016 година, во оваа земја живеат 95.976 Македонци. Сепак, нивниот број, особено преку летниот број се проценува дека изнесува над 130 илјади. Некои од нив се населени претходните неколку години, некои се уште од времето на СФРЈ Југославија, а има и значителен број на Македонци родени во Германија.
Градови со значителна населеност со Македонци се Берлин, Нирнберг, Инглоштад, Ален, Хановер, Штутгарт, Мајнц… Во овие градови функционираат и бројни македонски здруженија и организации, а во некои има и македонски православни цркви.
Но кои се најпознатите Македонци во Германија?
Еден од најпознатите, ако не и најпознат е Ока Николов, поранешен фудбалер на Ајнтрахт Франкфурт. Роден е на 25 мај 1974 година во Ербах им Оденвалд, а за познатиот германски клуб има настапено на над 400 натпревари што го прави еден од фудбалерите со најмногу настапи за овој клуб. Денес тој е тренер во Лос Анџелес.
На листата се наоѓа и Александар Вељанов кој е пејач и текстописец во бендот Deine Lakaien, кој го има и основано заедно со Ернст Хорн во далечната 1985 година.
Од сферата на уметноста се вбројува и Игор Киров, танчер и кореограф од Франкфур на Мајна. Александар Кондински кој по потекло е од Битола докторирал Хемија на Универзитетот во Бремен. Тој е вистински наш претставник во сферата на науката, а во моментов работи на Универзитетот во Кембриџ.
Раул Паула, роден во Боблинген, е по мајка од Македонија. Тој е надежен млад фудбалер кој до претходната година ги бранеше боите на Штутгарт, а во моментов настапува за НАЦ Бреда. За младите селекции на Германија има настапувано на 7 натпревари. Важи за еден од поталентираните млади фудбалери во оваа земја.
Шкодран Мустафи се чини дека е најпознат. Иако не е од македонска етничка припадност, Шкодран, роден во Бад Херсфелд, по неговите родители потекнува од Гостивар. Со репрезентацијата на Германија го има освоено златниот медал на Светското фудбалско првенство во 2014 година во Бразил.
Лирим Зендели важи за најталентираните картинг возачи во Германија. Роден во Бохум во 1999 година од македонски иселеници од албанско потекло, овој млад возач има освоено бројни награди, натпреварувајќи се и во Формула 2 шампионатот.
Виктор Ангелов е уште еден од низата фудбалери. Роден во Дортмунд во 1994 година, Ангелов настапувал за младите екипи на Борусија Дортмунд и Шалке 04. Во меѓувреме настапувал и за Ујпешт, Работнички, Широки Бријег, Волунтари, Глорија Бизау, а за репрезентацијата на Македонија има одиграно еден натпревар.
Валентин Илиевски е наш претставник во бизнис фелата. Натурализираниот Германец денес е вице претседател на Messer Group за Југоисточна Европа, а е и прв човек на фабриката на Фолксваген во Сарајево. По струка е механички инжинер.
Виктор Димовски е попознат како Тампес е петкратен светски шампион во кик бокс, мау таи и фул контакт, а по потекло е од Велес.
Ова се само мал ден на најпознати Македонци во Германија. Голем белег имаат оставено и фудбалерите Николче Новески, Александар Васовски, Саша Ќириќ, кој се покажаа како вистински промотори на Македонија во оваа земја. Покрај наведените, денес ширум Германија, Македонци работат на бројни Универзитети, некои предаваат, некои се асистенти. Тука се и бројните доктори, научници и други спортисти.