Дали сте се некогаш запрашале кои автомобили доминираат на далечниот исток на Русија, каде зимските температури редовно паѓаат и до -50 степени Целзиусови? Во такви екстремни услови, возачите мораат да изберат технологија која е доволно издржлива да поднесе најниските можни температури.
Жителите на градовите како Јакутск, Норилск и Воркота, како и на оние позападно сместени, како што се Новосибирск и Иркутск, го прилагодиле својот автомобилски живот на единствен начин, невиден на друго место во светот. Јакутија, најголемата и најстудена руска регија, е позната по рекордно ниските температури. Во местата Ојмјакон и Верхојанск измерени се дури -70°C, додека во главниот град Јакутск -50°C е вообичаена појава во зимските месеци. Иако би се очекувало дека во такви услови ќе преовладуваат масивни теренци и SUV возила, реалноста е поинаква.
На првото место по популарност се најде мала Тојота Виц (во Европа се продава како Јарис), а следи ја Тојота Филдер (Корола во караван верзија). Листата ја продолжуваат лимузините Тојота Алион и Премио, како и моноволуменот Ипсум. Сите овие модели се покажале како исклучително надежни во зимските услови и умерени потрошувачи, што е клучно бидејќи многу возачи во Јакутија не ги гасат моторите на своите автомобили неделами, за да не се “смрзнат”.
За да им олеснат животот на -50°C, некои сопственици дополнително инсталираат Вебасто системи за греење на моторот и кабината. Во Норилск, град на северот на Краснојарскиот крај каде теренот е исклучително негостопримлив, најзастапениот модел е исто така Тојота, но теренски Ланд Крузер. Следат руската Лада Веста, Киа Рио, Хјундаи Соларис и Нисан X-Trail. Слична слика на возниот парк е и на Чукотка.
Покрај јапонските и сè присутните кинески возила, рускиот понос на северот го бранат модерниот теренец УАЗ Патриот и легендарниот комби УАЗ-452 (познат како “Буханка”), кој се произведува речиси непроменет уште од советските времиња. Го користат итната помош, полицијата, превозниците и приватниците, а речиси сите примероци се прилагодени за екстремната зима. Неговата цена, еквивалентна на градскиот модел Киа Рио (околу 11.500 евра), го прави многу конкурентен.
Популарни се и поголемиот комби ГАЗ “Соболј”, како и неуништливиот теренец УАЗ-469 “Хантер”, кој се произведува веќе 51 година. Она што е заедничко за сите автомобили во Сибир е погонското гориво. Возат исклучиво бензинци, поради познатиот проблем со смрзнување на дизелот на екстремно ниски температури. Имајќи предвид дека моторите често работат денови без престан, ниската цена на бензинот од околу 0,60 евра по литар ја прави оваа пракса финансиски поднослива.



