Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе кривични пријави против две лица, осомничени за сериозни злоупотреби поврзани со недвижен имот и катастарски евиденции.
Пријави се поднесени против 55-годишна жена од Јосифово поради сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против 51-годишен маж од Струмица поради сомнение за „измама“.
Според наводите, второпријавениот во текот на 2022 година дал полномоштво на друго лице за продажба на негов недвижен имот, иако претходно имал потпишано изјава дека нема да го отуѓува, заложува или на друг начин располага со имотот без писмена согласност на ремитентот (кредиторот).
И покрај тоа, овластеното лице склучило договор за продажба на недвижен имот со таткото на сопственикот, а договорот бил нотaрски потврден (солемнизиран) и електронски спроведен до Катастарот на недвижности, каде била заведена промената на сопственоста.
Во продолжение на случајот, првопријавената, која работела како самостоен референт за геодетски работи, извршила катастарска промена, со која спорната парцела била вратена на претходниот сопственик, односно на второпријавениот.
Овие дејствија, според истрагата, отвораат сомнение за незаконска интервенција во службената евиденција, со што е нанесена штета и е нарушена правната сигурност во прометот со недвижности.
По целосно документирање на случајот, против двете лица се поднесени кривични пријави, а надлежните органи продолжуваат со понатамошна постапка за утврдување на сите околности и евентуална одговорност.



