Летник – празникот што го најавува пролетното будење и ги спојува древните и современите Македонци

На 1 март, според стариот календар, во повеќе краишта на Македонија се одбележува Летник – еден од најстарите народни празници поврзан со доаѓањето на пролетта, обновувањето на природата и почетокот на земјоделската година.

Празникот го симболизира враќањето на птиците преселници, расцутувањето на дрвјата и новиот циклус на животот. Во народната традиција токму овој ден се сметал за вистински почеток на активниот дел од годината, кога започнувале полските работи и се очекувал бериќет.

Летник најчесто се празнувал во Галичник и Мијачијата, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко, како и во Голо Брдо и Пустец, а неговата особеност е што имал народен, а не верски карактер. Затоа го славеле и православни и муслимани Македонци, што го прави редок пример на заедничка традиција.

Истражувачите го поврзуваат Летник со древниот македонски празник Ксантика, кој исто така се празнувал на 1 март и бил посветен на светлината и продолжувањето на денот.

И во античко време овој период означувал нов почеток – будење на природата, растење на сончевата светлина и старт на земјоделските активности. Според одредени толкувања, Ксантика се сметала и за почеток на новата година кај древните Македонци.

Оваа временска и симболична совпадливост често се посочува како културна врска меѓу древната и современата македонска традиција.

Прославата започнувала рано наутро со симболични ритуали за среќа и напредок во текот на годината.

Луѓето најнапред гледале да здогледаат птица, верувајќи дека така ќе бидат „лесни како птица“ цела година. Потоа проверувале во џебовите да имаат паричка – за да ги следат парите и успехот.

Во домовите се внесувале расцутени дренови гранчиња – симбол на здравје и издржливост. Се држеле за дренот и за синџир со желба да бидат „здрави како дрен и силни како железо“, а се јаделе и пупките од дрен за здравје.

Децата оделе од куќа до куќа со суви гранчиња, фрлајќи ги во огништата и изговарајќи желби за многу деца и бериќет, додека домаќините ги дарувале со ореви, варена пченка и благо.

Посебно значење имал и првиот гостин во домот – се верувало дека ако е со „среќна рака“, целата година ќе биде успешна.

Со преселувањето од село во град, празнувањето на Летник постепено се намалило, но и денес живее во делови од Голо Брдо, Мала Преспа и Струшки Дримкол.

И покрај тоа, овој празник останува важен симбол на македонскиот народен идентитет и на вековната врска со природата и циклусите на животот.

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава