По повод 154 години од раѓањето на Гоце Делчев (4 февруари 1872), Македонското здружение „Гоце Делчев“ од Врање, Србија, и оваа година ја продолжува традицијата на културното одбележување преку манифестацијата „Гоцеви денови 2026“.
Во рамки на програмата е распишан и годишен конкурс на тема „Животот и делото на Гоце Делчев“, наменет за деца и млади од основните и средните училишта, како и за лица со посебни потреби. Конкурсот има за цел да го поттикне творештвото, историската свест и културниот идентитет кај младите генерации.
Учесниците можат да се пријават со литературни творби, ликовни дела или кратки видеа (во времетраење од 3 до 7 минути), инспирирани од ликот и делото на македонскиот револуционер. Делата можат да се достават лично во просториите на здружението во Врање или по електронски пат, а крајниот рок за учество е 20 април 2026 година.
Кулминација на манифестацијата ќе биде Македонската Гоцева вечер, која ќе се одржи на 4 мај 2026 година, кога ќе бидат објавени резултатите од конкурсот. На свечената вечер ќе настапат најуспешните учесници, а ќе биде поставена и изложба од пристигнатите цртежи.
„Гоцеви денови се повеќе од манифестација – тие се простор каде што младите преку уметност и знаење ја продолжуваат меморијата за Гоце Делчев и македонската историска борба“, изјави Соња Величковиќ, претседателка на Македонското здружение „Гоце Делчев“ во Врање.
Од здружението упатуваат отворен повик до сите заинтересирани да земат учество и да бидат дел од ова традиционално културно чествување.



