Интервју со Павлинче Матеска – кандидатка за градоначалник на Општина Прилеп.
- На претстојните избори ќе бидете независен кандидат за градоначалник на Општина Прилеп – што Ве мотивираше да се кандитирате?
-Застрашувачката состојба во која се наоѓа Прилеп изминативе 8 години, како град и како општина. Потенцијалот кој го имаме, а не го користиме е мојот најголем мотиватор.
Постојаниот подем на Општина Прилеп по локалните избори во 2017 година се претопи во ужас без крај.
Граѓаните секој ден се соочуваат со нови проблеми без да им бидат решени старите, претпријатијата под надлежност на локалната самоуправа не работат и никој не презема ништо. Луѓето се отселуваат од Прилеп и околните села, а тие што не можат да се отселат континуирано ги трпат овие тешки времиња во која се наоѓа нашата општина.
Јас, како вработена во локалната самоуправа, располагам со долгогодишно искуство и длабинско познавање на функционирањето на општината.
Веќе неколку години со свои очи гледам и јавно критикувам за тоа како треба да се работи, а и за тоа колку не се работи – за граѓаните и целокупно за Општина Прилеп.
- Има и пофалби и критики за владеењето на актуелниот Градоначалник на Општина Прилеп. Што е она што најмногу му замерувате и што е она што сметате дека го направил најдобро?
-Во 2021 година, градоначалникот Јовчески презентираше програма за мандат од 4 години и ја доби довербата на граѓаните. По 4 години, истиот градоначалник сугерира дека еден мандат не му е доволно за реализација на програмата, бидејќи скоро и ништо да не е реализирано, а камоли клучните проекти.
- Што е она што сметате дека треба најитно да се направи за Прилеп?
-Општина Прилеп има многу нереализирани проекти што „збираат прашина“, проекти кои власта ни ги сервира како мед за очи додека заборави на основните нешта во градот.
Прилеп не е во позиција за „урбан развој“ бидејќи прво му е потребно урбано враќање таму каде што некогаш бил. Всушност, во Прилеп сеуште има улици на кои нема асфалт, во центарот на градот нема доволно паркинг капацитет, имаме потреба од обнова и модернизација на водоводната и канализационата инфраструктура, а најмногу треба да се подобри пристапот и да се реши проблемот со загадувањето на градските улици и градскиот воздух.
Во нашата општина дејствуваат младински организации кои веќе со години го молат градоначалникот да го исполни своето ветување и да отвори младински центар. Градови помали од Прилеп веќе имаат функционални младински центри, а во Прилеп нема ни започнат проект.
Јавниот превоз функционира на само 3 од 5 линии, и покрај тоа што локалната самоуправа се задолжи да го реши тој проблем од 2021.
Освен тоа, познати големи компании имаа желба да се прошират во Прилеп со што ќе се отвореа голем број работни места и нашите граѓани ќе немаа потреба да патуваат во други градови за да имаат пристап до нивните услуги и продукти. За жал, Општина Прилеп тоа не им го овозможи на заинтересираните инвеститори.
- За жал и Прилеп како и сите општини во Македонија се соочува со иселувањето. Младите пак, заминуваат со билет за еден правец. Што е она што е неопходно и што може да се направи со цел задржување на младите?
-Најважно е ние да им овозможиме и младите да ја видат перспективата во својот роден град – перспектива за работа, развој и квалитетен живот.
Отворање на работни места преку привлекување на инвестиции и поддршка на стартапи на младите Прилепчани.
Модернизација на училиштата, практична настава и соработка со локални фирми и компании за обуки и пракси.
Младински и културни центри, односно создавање на простор каде младите ќе се дружат, каде ќе организираат настани, работилници и ќе го реализираат својот потенцијал.
Зелени и модерни јавни простори како што се паркови, велосипедски патеки, спортски терени – град каде вреди да се живее.
Ако младите почувствуваат дека нивниот глас се слуша, дека можат да најдат добра работа и да имаат квалитетен живот, тогаш „билетот во еден правец“ ќе стане билет за враќање назад во Прилеп.
- Прилеп изобилува со одлични природни богаства. Оттука и потенцијалот за привлекување на туристи. Но дали може Прилеп да понуда квалитетна туристичка понуда?
-Да, Прилеп има потенцијал, треба и може да создаде структурирана и квалитетна туристичка понуда.
Градот располага со уникатни традиции и убавини како Марковите Кули, Трескавец, традицијата на тутунот, прилепскиот мермер.
Освен тоа, Прилеп треба и може да го врати сјајот на културните манифестации како Пивофест, театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, карневалот „Прочка“, фестивалот „Пеце Атанасоски“, турнирот во мал фудбал „Св. Никола“, како и Џез Викенд.
Исто така, во склоп на нов младински центар може да се прошири и релативно новиот летен културен настан „Од 0 до Култура“ со цел да ги промовираме локалните таленти.
Во последните неколку години се појавија и настани, неколку организирани и од граѓаните, кои се атрактивни за локалното население.
Такви се „КГЈ 3×3“, „Стрит Фуд Фестивал“ и најскорешниот „Airflow“ фестивал кој покажа дека локалните манифестации може да се организираат и надвор од центарот на градот.Насекаде околу Прилеп има уникатни природни убавини, без разлика дали се препознатливите карпести планини кои овозможуваат алтернативни спортови, археолошките локалитети или зеленилото покрај Црна Река во Мариово. Ние само треба тоа да го искористиме и да им го понудиме не само на Прилепчани, туку на сите граѓани на Македонија, Балканот и пошироко.

