- Веќе некое време сте активен член во „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“. Кој беше мотивот да се активирате политички во ова движење?
Долги години одбивав да бидат партиципиент на политичка партија бидејќи сметав дека мојата професија, како историчар, нуди доволно можности да работам за доброто на македонскта држава. Во почетокот на 2011/12 година почнав да реагирам на криминалот во образованието и науката. Тоа беше доволно криминалците од сите засегнати институции да се обединат, по што почна мојата борба со беспрекорно организираниот криминал, кој мораа заеднички да го бранат од најмалиот до најголемиот учесник. Иако помош побарав и од колегите во Институтот за национална историја и во Министерството за образование и наука, никој ниту се замисли, ниту посака да ми помогне во мојата намера да добиеме нормални услови за работа, проекти, истражувања. Сите мудро молчеа со години, додека јас водев два судски процеса за криминалното однесување во ИНИ. После многу години, добив пресуди во моја полза и за двата процеса. Така, доколку имавме нормална држава и нормално Јавно обвинителство, сите инволвирани во криминалите кои произлегоа од моите пресудени спорови, требаше да бидат процесуирани.
И така, немајќи можност сама да се борам со криминалците во образованието и науката, како и секојдневната безизлезност која нѝ ја наметнаа како нормалност, решив политички да се ангажирам преку „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“. Причини за таквата одлука има повеќе. Прва, беше тоа што со години се борев против злоделата и криминалите и на ДПМНЕ и на СДС од „нашата земја“ и на ДУИ од „бајките“, а ниту еден нивен член не најде за потребно да размисли колкава штета ѝ нанесоа нивните министри во МОН на македонската наука, особено на историјата. Втора е што претседателот на „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“, г-дин Максим Димитријевски, не само што финансиски нѝ помогна во организирањето на научната конференција „120 години од Илинденското востание“, туку на денот на одржувањето на истата дојде во Крушево, од почит кон жртвата на Илинденците и Илинденското востание. Така, неговата почит кон македонските свети датуми, неговата решеност финансиски да помогне една конференција за која државата не даде ниту еден денар, општите ставови кои ги искажуваше во неговите интервјуа и кои беа прифатливи за мене, сето тоа придонесе да решам да ја завршам мојата индивидуална борба со криминалот и криминалците во македонските образование и наука и да се приклучан на „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“.
- Какви се вашите очекувања за изборите? Сметате дека „Движењето ЗНАМ – ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“ може да направи резултат со кој ќе се промовира како фактор на политичката сцена, особено при формирање на идна Влада?
Со оглед на досега покажаниот интерес од страна на македонските граѓани за работата и идеите на „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“, чинам дека оваа Партија, иако скоро формирна, добро се котира сред народот. Каков резултат ќе имаме на претстојните избори ќе зависи од нродот. Во моите настапи и општо во животот искажувам една мисла дека „Народот е зимзелен, политичарите се листопадни“, дополнета со тврдењето дека „Народот е газда на државата, а не политичарите“. Мислам дека е дојдено времето кога народот треба да си ја врати државата во свои раце, а не да ја остава да ја распарчуваат и разграбуваат десетина новопечени „чорбаџиски“ фамилии. Така што, дали „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“ ќе се промовира како фактор на политичката сцена и која ќе биде улогата на Партијата при формирањето на идната Влада ќе одлучи македонското население кое ќе излезе на гласање.
- Некои аналитичари сѐ почесто говорат дека формирањето на Влада ќе биде невозможна мисија за било кој политички субјект. Кои се вашите очекувања по изборите? Сметате ли дека тоа сценарио е возможно?
Од општи познавања мислам дека не постојат невозможни сценарија или невозможни работи. Во однос на претстојните избори, посакувам народот да излезе масовно на гласање, да гласа за своите фаворити и со тоа да помогне да биде формирана Влада. Се сеќаваме дека при секои избори во минативе 33 години, македонските гласачи гласаа против некого, разочарани од неговата неспособност да ја води македонската држава во правец кој ветува подобар и побогаат живот за граѓаните. Сега за прв пат, гласачите ќе имаат можност да гласаат ЗА некоја политичка опција во кандидатот за претседател на Република Македонија и кандидатите за пратеници во македонското собрание од политичката партија „Движење ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“.
Во ова совремие најмалку што нѝ е потребно е да немаме можност за формирање на Влада, првенствено бидејќи и внатрешните и надворешните односи се толку лоши, што дополнително лоши состојби не ни требаат доколку сакаме Македонија да ја вратиме на колосекот кој одамна е напуштен.
- Сметате ли дека периодот до формирање на новата Влада ќе биде искористен за гласање на т.н. француски предлог односно внес на Бугарите во Уставот на Република Македонија?
Мислам дека нема никаква основа за гласање на погубен и навредувачки ултиматум од надворешна држава, бидејќи ултиматумот не е европска вредност, ниту начин на општење меѓу цивилизирани народи. Насилното настојување за внесување на Бугарите во македонскиот Устав е само една од стапиците во кои ќе треба да се прпелкаме со децении, бидејќи на секој чекор бугарските добрососеди ќе ни местат нови.
Фактот што претставници на државите од Европската Унија и други емисари го згазија својот збор во однос на договореното со т.н. Преспански договор, нам не ни дозволува уште еднаш да им веруваме на нивните интриги и понижувачки измами. Со оглед на фактот што Македонија, како држава, припаѓа на европскиот континент, сметам дека нема друго место за нашата држава освен во европското семејство. Секако, за заеднички интерес потребни се двајца. Ние, како македонски граѓани имаме доволно голем историски, човечки и природен капацитет за влез во Европската Унија, а тоа треба да се обезбеди на достоинствен начин на обострано задоволство.
- За крај, дали има светло на крајот на тунелот за Македонија?
Има светло и светлото има име „Движење ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“. Ова не го говорам од претенциозност, ниту надменост. Напротив, ова го кажувам како човек кој секогаш се застапува за слобода, сигурност и добросостојба на народот. Тоа се квалитети на животот кои денес во Македонија ги нема. Со оглед на лицата кои партиципираат во „Движењето ЗНАМ- ЗА НАША МАКЕДОНИЈА“ сметам дека го имаме составот на Партијата која, не само што ќе биде светлата точка во тунелот, туку ќе го извлече македонското население надвор од тунелот.