Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија располага со повисока куповна моќ во однос на минималната плата во споредба со сите соседни земји, освен Грција. Според неговите зборови, Грција е единствената држава во регионот која има малку повисока куповна моќ. „Грција има нешто повисока куповна моќ со минималната плата, а ние сме пред Бугарија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово. Од 27-те земји каде што е регулирана минималната плата, ние сме за 10 или 11 од нив со повисока куповна моќ“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека иако постигнатите резултати не се доволни, тие се плод на интензивен дијалог помеѓу работниците и работодавачите. „Владата е тука да го фасилитира тој процес. Ние немаме подготвителни состаноци за Економско-социјалниот совет да изгледаат како политичка парада. Напротив, имаме жесток дијалог и така ќе продолжиме“, додаде тој.
Мицкоски истакна дека е отворен за зголемување на минималната плата, но нагласи дека тоа може да се случи само со договор помеѓу работниците и работодавачите. „Дали треба повеќе? Да, треба. Јас сум првиот што тоа ќе го поддржи. Но, ако Владата побара од Собранието минимална плата од 700 евра, дали бизнисот и економијата тоа можат да го издржат? Тоа е прашање за работниците и работодавачите“, заклучи Мицкоски.
Сега останува да се види кога ќе се постигне договорот помеѓу двете страни, а Владата ќе помогне во тој процес.

