Во недела (22 март) во Скопје ќе се одржи атлетска улична трка, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во делови од општина Аеродром.
Настанот ќе се реализира во периодот од 07:30 до 11:30 часот, со старт и цел на булеварот „Јане Сандански“. Трасата на трката ќе опфати повеќе клучни сообраќајници во овој дел од градот.
Натпреварувачите ќе се движат по дел од бул. „Јане Сандански“, на потегот од крстосницата со бул. „Србија“ и бул. „Видео Смилевски Бато“, до крстосницата со ул. „Владимир Комаров“. Дополнително, трасата продолжува и по дел од ул. „Васко Карангелевски“, од бул. „Јане Сандански“ до бул. „АСНОМ“, како и по дел од бул. „АСНОМ“, на потегот од крстосницата со бул. „Киро Глигоров“ и бул. „Србија“, до ул. „Васко Карангелевски“.
Поради одржувањето на трката, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за привремена измена на режимот на движење, при што сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да ги почитуваат упатствата и наредбите на полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на настанот.



