Израел утрово започна „превентивен напад“ врз Иран, потврди израелскиот министер за одбрана Израел Кац, по што во целата земја беше прогласена вонредна состојба поради очекуван одговор од Техеран.
Според информации на израелски безбедносни извори, станува збор за заедничка американско-израелска воена операција, што го потврди и американски функционер за „Тајмс оф Израел“. И „Њујорк тајмс“ објави дека нападите биле изведени координирано од двете држави.
Главниот град на Иран, Техеран, рано утрово го разбудија силни експлозии. Иранските медиуми јавуваат дека се слушнале најмалку три детонации во централното градско подрачје, по што над неколку локации се издигнал густ црн чад. Новинската агенција Фарс наведува дека ракети погодиле дел од градот познат како Република, а подоцна биле пријавени и нови експлозии на северот и истокот на метрополата.
Непотврдени извештаи од иранската опозиција тврдат дека меѓу целите биле претседателскиот комплекс и објекти поврзани со државното раководство, како и локации од кои, според Израел, Иран може да ја загрози израелската безбедност.
Во Израел во меѓувреме се огласија сирените за воздушна опасност, а населението беше повикано да остане во близина на засолништа. Засега нема информации за ракетен напад врз израелска територија, но властите предупредуваат на можен одговор со беспилотни летала и балистички ракети. Земјата го затвори и својот воздушен простор.
Нападите се случија во раните утрински часови во сабота – првиот работен ден во Иран – кога милиони луѓе биле на работните места, а децата во училиште. Според сведоштва на жители на Техеран, во градот владееле паника и хаос.
Иранските медиуми јавуваат дека чад се издигнува и од делот на градот каде што се наоѓа резиденцијата на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, како и од зоната во која се сместени претседателската палата и Советот за национална безбедност.
Ситуацијата на Блискиот Исток драматично се заострува, додека светот ја очекува реакцијата на Техеран и можните последици од најновата ескалација.
Israel attacks Tehran pic.twitter.com/O4pToFlvR2
— Ali Hashem علي هاشم (@Alihashem) February 28, 2026
Fumée au-dessus de Téhéran : #Israel a frappé l'#Iran, alors que #Trump met la pression.
Un travail coordonné – formellement, ce ne sont pas les #USA, qui ont frappé … pic.twitter.com/71c7OC39dt— Karine Bechet (@bechetgolovko) February 28, 2026



