На 7 април 1999 година, кај Горно Блаце, трагично го загуби животот војникот Благојче Крстаноски (26), припадник на македонските безбедносни сили, кој беше погоден од снајперски истрел од територијата на Косово.
Крстаноски се смета за првата жртва на вооружените сили на независна Македонија, загинувајќи при извршување на својата должност во заштита на државната граница.
Роден на 29 март 1974 година во охридското село Ливоишта, Благојче останува запаметен како млад човек кој со посветеност и храброст ѝ служел на својата татковина.
Според сведоштво на негов колега, на денот на трагичниот настан, по кратки рафали од автоматско оружје, Крстаноски веднаш реагирал, земајќи го оружјето и упатувајќи се кон местото на инцидентот, иако бил предупреден дека може да станува збор за заседа.
„Нема што да чекаме, должни сме да ја браниме нашата татковина“, биле неговите зборови пред да се упати кон опасноста.
Крстаноски зазел позиција и се обидел да го лоцира напаѓачот, но бил погоден во градите. И покрај обидите, сторителот никогаш не бил откриен, а случајот останува неразјаснет до ден-денес.
За својата храброст, Благојче Крстаноски постхумно е одликуван со медал за храброст.
Денес, 27 години подоцна, неговото име и жртва остануваат дел од колективното сеќавање и почит кон оние кои го положиле животот за својата татковина.
Вечна му слава.
ИЗВОР: Македонски Бранители



