Едно машко лице го загуби животот, а уште еден маж е повреден во пожар што избувнал во стан во станбена зграда во тетовската населба Блок 70, информираат од надлежните служби.
Пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна единица Тетово во 19:05 часот, по што на местото на настанот веднаш интервенирале противпожарни екипи и Итната медицинска помош.
Од СВР Тетово потврдуваат дека во станот е пронајдено безживотно тело на машко лице, додека друго лице е повредено и пренесено на лекување. Засега не се соопштува степенот на повредите.
Во тек е увид на местото на настанот, кој го вршат екипи на полицијата и надлежен јавен обвинител, со цел да се утврдат причините за избувнувањето на пожарот и околностите под кои дошло до трагичниот исход.
Повеќе информации се очекуваат по завршување на истражните дејствија.

