Министерот за внатрешни работи денеска го посети оперативниот центар на новиот систем „Безбеден град“ во рамки на СВР Скопје, од каде и официјално започна примената на проектот за автоматска евиденција и санкционирање на сообраќајни прекршоци преку паметни камери.
Од контролниот центар, каде во реално време се следи сообраќајот низ градот, министерот информираше дека стартот поминал без технички проблеми и дека првичните резултати покажуваат значително подобрување на дисциплината кај возачите.
Според него, бројот на прекршоци драстично се намалил во однос на периодот кога системот бил во тест-фаза.
„Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци. Ако пред два месеци евидентиравме над 120.000 прекршоци, денеска бројката е околу 500. Тоа покажува дека граѓаните ги почитуваат правилата“, истакна Тошковски.
Тој посочи дека ефектите не се гледаат само во бројките за казни, туку и во безбедноста на улиците. Според податоците на полицијата, бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди на територијата на СВР Скопје е намален за околу 35 проценти, додека смртните случаи се сведени од 11 на четири.
Министерот им се заблагодари на совесните возачи, оценувајќи дека токму нивното одговорно однесување придонело за подобри резултати, а не само контролата од камерите.
Системот „Безбеден град“ автоматски детектира најчести прекршоци како непрописно паркирање, пречекорување на брзината, минување на црвено светло и управување со нерегистрирано возило. Податоците од камерите директно се обработуваат во контролниот центар, по што следуваат санкции.
Тошковски нагласи дека проектот претставува чекор кон европски стандарди во сообраќајната безбедност и најави дека во наредниот период ваквиот модел ќе продолжи да се проширува.
„Покажуваме дека можеме да воведеме европски вредности и поинаков пристап во сообраќајната култура. Целта не е казнување, туку спасување човечки животи“, порача министерот.



