Традиционалното празнично одбележување на Коледе во Лерин (Флорина) годинава помина со контроверзии, откако градските власти интервенирале и забраниле изведба на песни на македонски јазик за време на јавната прослава.
Инцидентот се случил за време на настапот на музичкиот состав „Ендопика“, кои во рамки на програмата планирале да ја изведат познатата македонска народна песна „Софка на татко“. Непосредно пред настапот, музичарите добиле јасна инструкција од организаторите и претставници на локалната власт дека пеење на македонски јазик не е дозволено.
Според упатството, песната можела да биде изведена единствено во инструментална верзија, без вокална интерпретација. Овој потег, според дел од присутните и активисти за човекови права, го претворил културниот настан во пример за цензура и ограничување на изразувањето на македонското малцинство во регионот.
Активистот за правата на Македонците во Грција, Павле Васкопулос, вели дека ваквите случаи не се изолирани. Тој посочува дека во Леринско, Костурско и Воденско со години постои притисок врз граѓаните кои јавно го користат македонскиот јазик или зборуваат за својот идентитет.
„Луѓето кои се осмелуваат јавно да зборуваат за своите права често се етикетирани како ’скопски агенти‘ и се изложени на стигматизација и притисоци“, изјави Васкопулос.
Медиумите, меѓу кои и ТВ 24, се обиделе да добијат официјално објаснување од Општина Лерин за одлуката на градоначалникот Василеос Гианакис, но до објавувањето на овој текст одговор нема. Останува нејасно зошто изведбата на една народна песна на мајчин јазик предизвикува забрана на јавен настан во 21 век.

