На 15 јуни годинава, во село Ајтос, општина Лерин, се одржа заедничко генерално собрание на дваесет и две македонски културни, спортски и женски здруженија по покана од Културно-просветното здружение “Ајтос” од село Ајтос.
Генералното собрание расправаше за заедничките мерки на македонските здруженија од општина Лерин против нападите кои се вршат врз Македонците и нивните културни манифестации, под изговор на бирократски процедури!
Општина Лерин со децении не се соочува со проблем на поделба на етничка основа!
Богатото културно наследство и хармоничниот соживот на луѓето со различни традиции и обичаи се богатство на регионот Лерин! За жал, постојат центри и интереси кои не избираат средства да ја нарушат богатата културна традиција на сите кои живеат во регионот Лерин.
Македонските културни, спортски и женски здруженија се одлучни – нема да дозволиме некои малцински групи, колку и да сакаат, да нè разделат, затоа што пообединети сме од било кога!
Македонските културни манифестации се единственото место на забава, наспроти невработеноста, емиграцијата и сиромаштијата!
Со приходите од културните манифестации се финансира и работата на аматерските спортски здруженија, се финансираат помали и поголеми јавни потреби за сите!
Ние, членовите на македонските културни, спортски и женски здруженија во регионот Лерин, кои секојдневно се бориме да ги одржиме нашите села во живот наспроти неповолните услови, не прифаќаме лекции за патриотизам од никого! Вистинскиот патриотизам е секојдневно да се бориш за својата земја!
Бараме да престанат нападите врз нашите здруженија, нашата традиција, нашиот морал и обичаи.
Во последните години, се прават континуирани обиди за создавање бирократски пречки за одржување на традиционалните културни манифестации. Поради оваа причина, бараме посебна законска регулатива од државата што ќе го поедностави одржувањето на културните манифестации во нашите села, со продолжување на работното време, тоа е легитимна пракса што се одржува стотици години врз оиснова на обичајното право и учеството на жителите од нашите села на културните манифестации. Конечно, ги повикуваме општините да ги поддржат напорите за одржување на културните манифестации со обезбедување на сите потребни логистички структури за нивно безбедно одржување.
Секое културно, спортско и женско здружение е одговорно за непречено спроведување на настанот што го организира со почитување на традицијата и посетителите!
Жителите на Флорина со векови живеат хармонично почитувајќи ги традициите меѓу себе, тоа ќе продолжиме да го правиме и натаму.
Регионот Лерин нема потреба да се плаши од луѓето кои играт рака за рака!
Ги повикуваме сите институции на власта да ги преземат сите потребни мерки за заштита на македонските културни манифестации!
Ги повикуваме и оние, кои не зазедоа став, да ги осудат неодамнешните обиди за забрана на македонските културни манифестации!
Ги повикуваме сите жители на регионот Лерин оваа година масовно да присуствуваат на сите културни манифестации како знак на поддршка и солидарност на сите фестивали во секое село! Притоа ги задржуваме сите наши законски права!
Во случај да се повтори инцидент за забрана на било која културна манифестација односно фестивал во било кое населено место, ќе ги превземеме следните мерки: (1) Собирање петиции во одбрана на здруженијата во секое село; (2) Интервенции во општинските совети и регионалниот совет; (3) Мирен музички протестен настап пред Полициската станица во Соровичево (Аминтео) со македонски дувачки инструменти, понтиска лира, тракиски, влашки и арванитски оркестри; (4) Ќе одржиме уште едно заедничко генерално собрание; (5) Оваа одлука е испратена до: (5.1) премиерот, (5.2) министерствата за цивилна заштита, внатрешни работи, култура, и за Македонија и Тракија, (5.3) членовите на Регионот Лерин, (5.3) градоначалниците и општинските советници на Регионот Лерин, (5.4) Регионалниот гувернер на Западна Македонија, заменик-регионалниот гувернер на регионалната влада на Лерин и регионалните советници, (5.5) Генералната полициска управа на Западна Македонија, полицискиот командант на Лерин и командантот на регионалната влада на Соровичево (Аминтео), (5.6) Обвинителството на првостепените судови на Лерин, и (5.7) Локалните и националните медиуми.
На заедничкото генерално собрание присуствуваа и заклучоците ги потпишаа следните здруженија: (1) Културното друштво од Свети Пантелејмон, (2) А.С. Александар Велики од Ајтос, (3) Културно-просветното друштво од Ајтос, (4) Женското друштво “Ирини” од Ајтос, (5) Културното друштво “Орфеј” од Акрита, (6) А.С. Бранител од Соровичево (Аминтао), (7) Гимнастичко друштво “Ермис Аминтео”, ( Женското друштво од Соровичево (Аминтео), (9) Друштво за образование и култура “То Пименикон” од Атрапос, (10) Културното друштво од Варикос, (11) Културното друштво од Вевис, (12) Културното друштво “Акритес“ од Келис, (13) Обединето здружение “О Профитис Илијас” во Леховитон, (14) Друштвото за образование и култура во Овчарани (Мелитис), (15) Културното друштво “Елпида“ од Нео Хорјо, (16) Прогресивно друштво од Ксино Неро, (17) Културно-фолклорното друштво од Пеларгос, (18) Културно-просветното друштво “Ѓуленца” од Родона, (19) Културното друштво “Агиос Георгиос” од Склифрос, (20) Женското здружение “И Агија Параскеви” од Склифрос, (21) Тракиското друштво од Филота, и (22) Женското здружение од Лерин, членка на Организацијата на жените на Грција.