Министерот за правда Игор Филков во интервју за Плусинфо соопшти дека Министерството за правда наскоро ќе излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.
„Дефиницијата на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ е од суштинско значење за функционирањето на правосудниот систем, но, исто така, и за борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните функции. Согласен сум дека сегашниот опис на ова кривично дело може да создаде прашања во однос на примената, особено кога станува збор за неговата широкоприменливост и потенцијалoт за злоупотреба во контекст на политички мотивирани постапки.
Она што е клучно е да се обезбеди јасна и прецизна дефиниција, која не само што ќе ја одреди злоупотребата на службената положба, туку и ќе ги минимизира ризиците за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели. Токму затоа, важно е да се направи разграничување помеѓу реалните кривични дела и нормите кои се користат за да се изврши недозволен притисок врз поединци.
Како решение за ова прашање, Министерството за правда работи на кратко законско решение за измени во Кривичниот законик, со коi треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година. Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија. Но за тоа многу скоро ке се излезе со целосно оформено законско решение пред Владата на РСМ”, вели Филков.
Извор: Министерство за Правда