Малку фалеше да се случи сензација. Македонските ракометари во последните секунди од натпреварот ја пропуштија победата и на крајот со 27 – 27 ремизираа со репрезентацијата на Унгарија која во секој поглед беше фаворит, барем до пред почеток на натпреварот.
Храбрата игра уште од самиот старт на натпреварот придонесе да Македонија води на неколку пати и тоа на три пати со три гола разлика. Сепак првиот дел заврши нерешено, 14 – 14.
Како што заврши првиот така почна вториот дел со храбра и борбена игра од двете страни што резултираше со неизвесност до последната секунда од натпреварот. На крајот натпреварот заврши со нерешен резултат откако водството од еден гол беше надокнадено од Унгарците во самиот финиш од натпреварот.
Следниот натпревар Македонија го игра во петок, на 17 јануари против Холандија која пак во првиот натпревар во групата ја совлада репрезентацијата на Гвинеја со 40 – 23.