Киев, 28 февруари 2025 (МИА) – Украинските власти соопштија дека руските сили го нападнаа украинскиот пограничен регион Суми од соседната Курска област.
Русите се обидуваат да ја нападнат границата со пешадија, без возила. Засега нема продор, продолжуваат борбите, соопшти украинскиот Центар за борба против дезинформациите.
Украинската армија влезе во Курск во август 2024 година и сè уште има под контрола неколку стотина километри квадратни, што Киев би можел да ги искористи за евентуална размена во случај на преговори со Москва. Украина и нејзините сојузници тврдат дека Русија во областа Курск испратила илјадници севернокорејски војници, како помош на руската армија. Но, Москва сè уште не потврдила.
Русија, која зазеде околу 20 проценти од територијата на Украина, ја исклучува можноста за каква било размена на територии.
Од Марина Илиевска Извор МИА