Скопје, 3 март 2024 (МИА) – Вкупниот број на претплатници на ТВ-услуги во вториот квартал од 2023 година изнесува 440.500 и споредено со претходниот квартал е намален за 0,40 проценти, а во однос на вториот квартал од 2022 година е зголемен за 1,10 проценти.
Бројот на активни претплатници на кабелска телевизија во вториот квартал од 2023 година е намален за 2,44 проценти во однос на претходниот квартал додека во однос на вториот квартал од 2022 година може да се забележи намалување за 2,10 проценти.
Раст од 1,84 проценти има кај активните претплатници на IPTV во вториот квартал од 2023 година во однос на претходниот квартал и од 2,91 процент во споредба со истиот квартал од претходната година.
Во вториот квартал од 2023 година услугата DVB-T ја користеле 40.552 претплатници и споредено со претходниот квартал има пад од 0,17 проценти, односно за 1,80 проценти споредено со вториот квартал од 2022 година.
Бројот на претплатници на сателитска телевизија во вториот квартал од 2023 година изнесува 35.642 и бележи раст од 1,97 проценти во однос на претходниот квартал, а споредено со вториот квартал од 2022 година раст од 18,49 проценти.
Уделот на претплатниците на кабелска телевизија изнесува 47,17 проценти, претплатниците на IPTV имаат удел од 35,53 проценти додека уделот на претплатници на DVB-T и сателитска телевизија изнесува 9,21 процент односно 8,09 проценти.
Во вториот квартал минатата година биле активни 39 од 40 нотифицирани субјекти во службената евиденција на АЕК за обезбедување на услуги поврзани со радиодифузија, како што се: пренос и емитување на терестријални радио програмски сервиси, пренос и емитување на терестријални телевизиски програмски сервиси, реемитување на радио програмски сервиси и реемитување на телевизиски програмски сервиси.
Од: Лидија Велковска Извор: МИА