Брисел, 7 март 2024 (МИА) – Европската комисија тврди дека има докази дека кинеската Влада субвенционира електрични возила што се извезуваат во Европа, па сега намерата е да му стави крај на сѐ тоа со воведување дополнителни царини за увозот на кинески автомобили.
ЕК лани есента отвори истрага за нефер увоз на автомобили од Кина, тврдејќи дека тамошните власти го помагаат извозот преку различни потфати под сомнителни околности. Претстојните привремени царински стапки, ЕК би ги применила уште во јули оваа година, според наводите – заради заштита на производителите во Европската Унија од „заканата“ од Кина. Така, европските увозници од денеска ќе треба да го пријават увозот на кинески електрични возила преку царински регистрации, што значи дека ретроактивното царинење е неминовно, пишува „Аутомотив њус Јуроп“ (Automotive News Europe).
Комисијата во вторникот објави документ во којшто се вели дека увозот пораснал за 14 отсто на годишно ниво од официјалното почнување на истрагата во октомври. Имено, оттогаш досега ЕУ од Кина увезла 177.839 автомобили.
Доколку кинескиот увоз продолжи со сегашното темпо, автопроизводителите во ЕУ би можеле да се соочат со намалена продажба и намалено ниво на производство. Ова може да има негативно влијание врз вработеноста и целокупното производство, велат од комисијата.
Кинеската стопанска комора при ЕУ соопшти дека е разочарана од потегот и оти зголемениот увоз е одраз на поголемата побарувачка на електрични возила во Европа.
Кинеските производители на автомобили, како што се „БИД“ (BYD) или „Ем-џи“ (MG), вложуваат доста во Европа со низа електрични возила со конкурентни цени. Сепак, тие постојано вршат притисок врз производителите коишто доминираат на пазарот во ЕУ, како што се „Стелантис“ (Stellantis) и „Фолксваген груп“ (Volkswagen Group).
Кински „БИД“ лани ја престигна „Тесла“ (Tesla) како најголем светски производител на електрични возила, а во декември објави изградба на фабрика за автомобили во Унгарија заради поголема продажбата во Европа, но и помали увозно-извозни давачки.
Од: Слободан Иванов Извор: МИА