На денешен ден 1453 година започнала борбата за Цариград. Борбата траела до 29 мај истата година кога дошла до својата разврска кога во ноќта на 28-29 мај султанот Мехмед II дал заповед за последен напад на градот. Првите две негови единици биле одбиени од страна на одбраната на градот па затоа султанот решил во напад да ги пушти јаничарите. Тие успеале да ја пробијат одбраната. Во освоениот Цариград започнале масовни пљачки и убиства. Повеќе од 60.000 жители биле заробени. Според отоманскиот обичај султанот ја оставил војската да ограбува низ градот два дена, а на третиот ден наредил да се престане со тоа. Потоа тој влегол во идната престолнина и наредил да ја претворат црквата Света Софија во џамија, а себеси се прогласил за римски кесар (Kayser-i Rum; како директен престолонаследник на Константин XI).
Утрото во тој несреќен вторник на 29 мај 1453 година, кога Цариград паднал во рацете на Османлиите, откако се расчистило небото од чадот од османлиските топови, станало јасно дека не е ставен крај само на Римското Царство. Светот се променил – средновековието станало минато.
Во Западна Европа ренесансата веќе била во својот ек. Ова повторно раѓање, заедно со изумувањето на Гутенберговата печатница со подвижни букви, ќе значат многу за полесно пренесување и зачувување на античките знаења (улога која претходно ѝ припаѓала на Римското Царство за време на средниот век) и со тоа ќе се обележи започнувањето на Новиот век.