Во источниот дел на Македонија, сместено меѓу убавите планини и зелени полиња, се наоѓа селото Разловци. Ова мало, но историски значајно село, е симбол на македонската борба за слобода и има посебно место во истографијата на Македонците.
Разловци е познато по Разловечкото востание, кое се случило на 20 април 1876 година. Ова востание е едно од првите организирани обиди на Македонците за ослободување од османлиската власт и претставува значајна пресвртница во македонската историја. Водачот на востанието, Димитар Поп Георгиев-Беровски, е еден од најпознатите македонски револуционери и херои, чија храброст и визија се запомнети и до денес.
Токму поради важноста на ова востание во историската борба на македонскиот народ, во 1981 година во ова село е изграден Спомен домот на Разловечкото Востание, дело на архитектот Георги Константиновски.
„Спомен Домот во Разловци внесува нова содржина во старата селска населба и на извесен начин претставува продолжување на умеењето на анонимниот градител. Објектот е мисловно прочистен, материјалите се сведени на својот основен израз.“ ќе изјави своевремено Константиновски, кој за ова дело ја доби тогашната престижна награда за архитектура.
„При посетата на локацијата силен впечаток ми остави архитектурата на старите куќи во селото. Забележав дека тие се одликуваа, речиси без исклучок, со четириводни покриви и прилепен оџак на една од фасадите. Тоа беше основната инспирација да ги применам овие два елементи во мојот проект.“ ќе додаде тој.
Импозантноста на објектот е неоспорна, но неоспорна е и негрижата за овој објект кој последните години е оставен буквално да се распаѓа.
За да се увериме во состојбата во која се наоѓа, во септември го посетивме селото и Спомен домот.
Уште на прв поглед домот изгледа жално руиниран, Платото е обраснато, а искршен е голем дел од плочникот. Искршена е стаклената врата и неколку прозори. Руинирани се и придружните објекти каде недостасуваат вратите и прозорите.
На внатрешната врата не пречекаа изборните материјали од изборите во мај.
За жал не најдовме некој што поседува клучеви за да ја видиме состојбата во внатрешноста. Воочлива беше богатата збирка на книги во библиотеката која беше прекриена со прашина, а оштетена беше и дел од расветата. Оштетен беше и дел од инвентарот, како што се бироата, столиците, полиците… Воочлива беше и пајажината која беше само уште еден доказ за негрижата.
На првиот спрат не можевме да ја провериме состојбата. Во разговор со селаните ни беше кажано дека уште од пред неколку години покривот протекува, па така на горниот спрат од водата оштетени се ѕидовите и подот.
„30 години шајка никој нема заковано“ ни кажа чичко Јаков. Младиот Давид, печалбар во Германија, ни кажа дека објектот се користи само за време на избори.
Истражувајќи по интернет и медиумит, забележавме дека изминатите години бројни политичари ветувале целосна реконструкција, но од реконструкцијата нема ништо. Останува симболот, паметникот на едно востание да пропаѓа.