Скопје треба да учи од Ниш

ФОТО: Македонија Денес / makedonijadenes.mk

Уште од пред неколку години Скопје не може да се споредува со другите главни градови во регионот. Но се чини дека полека, но сигурно ја губи и “трката” и со некои други градови во внатрешноста на земјите на регионот.

Екипата на Македонија Денес беше на викенд во Ниш, градот кој е кој е одалечен 200 километри од Скопје и во кој може да стигнете за 2,5 часа.

ЦЕНИ КАКО ВО СКОПЈЕ

По паркирањето кое може да биде проблем поради тоа што истиот се плаќа со СМС порака, а македонските оператори не ја поддржуваат оваа услуга, се упативме на ручек. А каде ако не во славниот Казанџиски Сокак. Седнавме во ресторанот Галија, култниот ресторан каде е создадена уште покултната Нишка рок група Галија.

Цените нема да ве изненадат. Речиси идентични како во Скопје. Ќе бидете задоволни од одличната услуга и секако, одличната храна.

ФОТО: Македонија Денес / makedonijadenes.mk

Секако, има и бројни ресторани и кафеани во внатрешноста на градот, а каде и да седнете нема да погрешите.

Доколку сакате да испиете кафе, тогаш идеален локал е некој покрај реката Нишава, или на Нишката тврдина.

ИМА ШТО ДА СЕ ПОСЕТИ

Нишката тврдина е онаа која морате да ја посетите. Таа и прва паѓа во очи кога се наоѓате плоштадот Крал Милан од каде со тврдината е поврзан со т.н. Тврдински мост. Од другата страна на Тврдината е логорот Црвен Крст кој го користил фашистичкиот окупатор во Втората Светска војна.

Тука е и импресивниот меморијален парк Бубањ, посветен на жртвите во Втората Светска војна како и споменикот Чегар, посветен на Чегарската битка.

Во близина на градот се наоѓа и манастирот посветен на Св. Јован Крстител кој датира од 11 век кој е споменик на културата од големо значење.

Во близина е и прочуената Нишка бања.

ФОТО: Македонија Денес / makedonijadenes.mk

И за оние кои сакаат шопинг има понуда. Во самиот центар на градот се наоѓа шопинг центарот Форум. На речиси два километри источно е и најголемиот трговски центар во овој дел од Србија, Делта. Тука е и Метро центарот, Емезета, Лидл и бројни други маркети.

ТАКСИ ПРЕВОЗ КАКОВ ШТО СКОПЈЕ МОЖЕ САМО ДА СОНУВА

Она што прво паѓа во око се такси возилата. Речиси и да не може да се забележат такси автомобили постари од 4-5 години, а најчести меѓу нив се од моделите на Тојота. И не било какви Тојота автомобили, туку хибридни. Така често може да се видат такси возила од моделот Toyota C-HR чија цена е над 30 илјади евра. Тука се и бројните возила од моделот RAV4 чија цена во моментов како нов автомобил изнесува над 40 илјади евра. Тука е и целосно електричниот автомобил на Toyota, моделот bZ4X чија цена изнесува над 60 илјади евра.

А не само што има одлични и нови такси автомобили туку и хигиената во нив на одлично ниво.

Само направете споредба со такси возилата и такси превозниците во Македонија. Жално.

ФОТО: Македонија Денес / makedonijadenes.mk

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава