Вашингтон, 17 јули 2024 (МИА) – Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека Тајван треба да им плати на САД за одбраната, бидејќи сега не и дава ништо за возврат.
– Многу добро ги познавам тие луѓе, многу ги почитувам. Тие презедоа околу 100 проценти од нашата индустрија за чипови. Мислам дека Тајван мора да плати за нашата одбрана. Знаете, ние не се разликуваме од осигурителна компанија. Тајван не ни дава ништо, истакна Трамп.
Тајванскиот премиер Чо Јунг-таи, одговарајќи на изјавата на Трамп, посочи дека Тајван и САД имаат добри односи и покрај отсуството на официјални билатерални односи и дека Тајпеј е посветен на зајакнување на својата одбрана.
– Тајван постојано го зајакнува буџетот за одбрана и покажува одговорност пред меѓународната заедница. Подготвени сме да преземеме поголема одговорност, наведе Чо.
САД се најважниот меѓународен сојузник на Тајван, но Вашингтон и Тајпеј немаат официјален одбранбен договор како што имаат Американците со Сеул или Токио. САД сепак се законски обврзани да и обезбедат на островската држава средства за одбрана.
Од Марина Илиевска Извор МИА