На денешен ден 2001 година во точно 8 часот наутро се случил масакрот кај Љуботенски Бачила.
Камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата гинат 8 војници од резервниот состав на АРМ. Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат.
Во неделата, 12 август, околу 8 часот наутро, почнува нападот врз селото изведен од полициската единица што ја командува Тарчуловски. Нападот е поддржан од армиските единици на Третиот баталјон, кои го гранатираат селото со расположливите артилериски орудија. Во тој момент во Љуботен се наоѓаат меѓу 10 и 15 лесновооружени припадници на ОНА. Полициската акција за чистење на селото трае околу 6 часа и во неа гинат шест жители на селото, а околу 14 куќи се запалени. Од гранатирањето се уништени уште седум куќи. Во меѓувреме, околу 11 часот, единиците на ОНА од местото Бел Камен, кое се наоѓа на околу 4 km од селото, отвораат минофрлачки оган врз армиските позиции за да го заштитат повлекувањето на нивните борци од селото. Истовремено контингент со околу 60 припадници на ОНА, преку Никуштак, доаѓа пред Љуботен и се обидува да ги заобиколи армиските позиции и да влезе во селото. Меѓутоа тие се пресретнати од армиските единици и нападнати кај месноста Раштански Поток и потоа се повлекуваат. Околу 17 часот сите акции се запрени.
Како дел од втората чета на Третиот баталјон на Македонската Армија загинаа Томе Бадарев (1968), Гоце Чанкуловски (1962), Бранко Јанев (1964), Томислав Настески (1973), Марјанчо Бошковски (1973), Ивица Златевски (1976), Томе Димоски (1964) и Раде Јанковски (1968). Покрај осумтемина убиени, уште осум припадници на Вооружените сили на Македонија беа ранети.
Случајот „Љуботенски Бачила“ се’ уште не е расветлен. 23 години потоа никој од извршителите на овој масакр нема одговарано пред надлежните.