Вашингтон, 31 август 2024 (МИА) – САД имаат намера дополнително да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на средбата со неговиот украински колега Рустем Умеров во Пентагон, јави ДПА.
Остин рече дека САД планираат натамошно зајакнување на противвоздушната одбрана на земјата и за тоа ќе се разговара на состанокот на Контакт групата за Украина следната недела во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
– САД и нивните сојузници ќе продолжат да ја обезбедуваат клучната опрема што Киев треба да ја одбрани од тековната руска инвазија, која започна во февруари 2022 година, рече Остин.
Умеров им се заблагодари на САД и на сојузниците за поддршката и рече дека ќе го информира Остин за ситуацијата на бојното поле и тековните потреби на украинската војска.
Си-Ен-Ен претходно објави, повикувајќи се на украински функционер, дека Киев исто така планира на американската влада да и претстави список на потенцијални цели во Русија.
Досега, САД ја ограничуваа употребата на своето оружје само за одбивање на руската офанзива на територијата на Украина.
Од Сашо Арсовски/МИА