Во текот на февруари годинава, системот „Безбеден град“ евидентирал вкупно 19.066 сообраќајни прекршоци на подрачјата на градовите и долж коридорите каде што се поставени камери.
Од вкупниот број, убедливо најмногу се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина – дури 18.172 случаи. Дополнително, регистрирани се 220 прекршоци за минување на црвено светло, како и 674 случаи на управување возило со истечена сообраќајна дозвола.
Во истиот период изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“. Од нив, 433 се поради брзо возење, а 220 поради минување на затворен сигнал.
Податоците покажуваат дека најмногу прекршоци биле регистрирани во неделата од 2 до 8 февруари – 4.991, додека најмал број е евидентиран во периодот од 9 до 15 февруари – 4.490.
На дневно ниво, најмногу прекршоци биле забележани на 28 февруари, додека најмалку на 11 февруари – 377 случаи. Просекот во текот на месецот изнесува 706 прекршоци дневно.
Најголем дел од прекршоците – 12.073 или 63,3% – се регистрирани на подрачјето на град Скопје. Значителен број прекршоци има и на патните правци долж Коридорите 8 и 10, каде што се евидентирани 5.702 случаи.
Најмал број прекршоци се регистрирани на подрачјето на СВР Тетово – 370, како и на останатите локации – 17 случаи.
Надлежните повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел намалување на ризиците и зголемување на безбедноста на патиштата.



