Драматична полициска интервенција се одвивала синоќа во кумановско, откако возач не застанал на полициски знак, удрил полицаец и се обидел да побегне.
Инцидентот се случил на 14 јануари 2026 година, околу 22:30 часот, во селото Отља, кога лицето С.Ч. (28) од Романовце, управувајќи патничко возило „Ауди А3“ со скопски регистарски ознаки, не застанал на даден знак за запирање и со возилото удрил во полициски службеник, по што продолжил со движење.
Бегството завршило во близина на селото Романовце, каде што осомничениот го запрел возилото, излегол и се обидел пешки да избега. Во обид да го спречат, еден од полициските службеници испукал два предупредувачки куршуми во воздух.
Набргу потоа, лицето било стигнато и фатено, но, според полицијата, пружало отпор и физички нападнало полициски службеник. Неколку часа подоцна, околу 23:30 часот, С.Ч. бил лишен од слобода од полициски службеници на СВР Куманово.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од полицијата.

