Знам дека знаете, ама само како потсетување. Најстариот делегат, велешкиот учител и Илинденец, Панко Брашнаров го отворил Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ), кое се одржало на 2 август 1944 година, во манастирот „Св.Прохор Пчински“ со зборовите „Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински” и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава…..”. Во следните месеци, АСНОМ се преместува во Скопје каде во декември 1944 г. се одржува неговото Второ заседание.
Вчера, во колумната насловена „Предизборно за лицемерието – духовниот кукавичлук“ од мојата колешка Наташа Котлар-Трајкова (https://skopskoeho.mk/predizborno-za-licemerieto-duhovniot-kukavichluk/?fbclid=IwAR1S_Xn8B48OeT2jNsJ5v1z_HMFW7ZUbI_coJSBjCQX4E3PyNqE5vERwJdI) токму за периодот 1944/45 година пишува: „…наспроти еднопартискиот и федерално-централистичкиот поредок, македонската држава сепак успеа да мобилизира добар дел од човечкиот, природниот и стопанскиот потенцијал за развој и бележи повеќе значајни економски, социјални и културно-научни постигнувања, но и афирмација. Изградени се значајни индустриски и стопански капацитети, патна и комунална инфраструктура. Ова пак, зборва дека во тие и такви услови сепак преовладале идејните вредности за општествено добро, кое овозможува и лична добробит.“
Овој текст ме инспирира да напишам и јас нешто на темата.
Дниве работам на материјалите од Второто заседание на АСНОМ и помислив дека би било полезно да ви напишам што пишува во нив. Секако, не целосно, туку само во контекст на она за што пишува мојата колешка, а што се однесува на ангажирањето на човечкиот потенцијал во изградбата на разурнатата македонска држава.
Имено, на Второто заседание биле поднесени извештаи за работата на Поверенствата т.е. Министерствата во периодот меѓу двете Заседанија. Така, во извештајот на Поверенството за соопштенија и градежи се наведува: „При своето бегство отчајниот окупатор рушеше све што можеше. Нарочито се он беше окомил на нашите патишта, железници и сите превозни средства. Скоро сите мостови па чак и обични пропусти по патиштата и железниците бева разрушени […] Ние не најдофме ни еден километар железничка пруга неразрушена ни една скретница, ни една станица. Но за тоа ние ја најдофме силната волја на народот да работи несебично за поправајнето на разрушеното. Со голем ентусиазам нашиот народ се отдаде на обновата. Постигнати се сравнително големи успеси во тоа отношение […] За таја цел бева мобилизирани сите инжинери, техници, железничари и општински персонал, како и сите технички и машински работници…“. Заклучокот би бил дека од рушевините после Втората светска војна, со ангажирање на професионалците во областа на сообраќајот од пепел се изградила македонската патна и железничка мрежа.
Во извештајот на Поверенството за финансии пишува: „После Илинден (се мисли на 2 август 1944 год.-К.Т.) пред Поверенството за финансиите под приликите под кои се работеше, се поставуеше како прва задача да се извршат сите неопходни организациони подготовки за да може Поверенството при слегуванјето во град (од Прохор Пчински во Скопје-К.Т.) да ја започне својата редовна работа. Во тие подготовки влегујат разрешенијата на следните прашанја: подбиранје на неопходниот за прво време стручен персонал, изјаскуенје задачите кои ке се постават пред Поверенството при слегуванјето во градовите, организационо оформуенје на Поверенството и изработка на еден општ план за работата и делокругот на Поверенството“. Заклучокот би бил дека од монетарниот хаос после Втората светска војна, со ангажирање на професионалците во областа финансиите и изработката на сериозен план за работа била изградена монетарната политика на современата македонска држава.
Следниот извештај е од Поверенството за народно стопанство во кој пишува дека пред него се поставиле три основни задачи кои се однесуваат на неколку теми. При тоа биле „… организирани отдели за полјоделие, за горско стопанство, за државни имоти и аграрна реформа, за трговија и индустрија, и за-најатчиство, за рударство и за економска обнова на земјата.
Опфанати се сите служби и институции подведомствени на нив. Дадени се детални напатствија за организирането и работата на стопанските отдели при Н.О.О.
Другата задача е избор на раководители за службите. Како последица на бившите ненародни режими, во Македониа нема стручно подготвени лица. Доколко ги има голем дел од нив е ангажиран во војсаката. Но, и покрај това, за сите раководни служби именувани са истина млади. Ама свесни и трудолјубиви интелектуални сили“. Заклучокот би бил дека од немање на основни услови за едно државно стопанство после Втората светска војна, со ангажирање на сите служби и институции односни на стопанството, засилени со свесни и трудољубиви интелектуални сили се изградило македонското стопанство.
Не помалку показателен е и извештајот на Поверенството на внатрешните работи во кој се вели: „Докато по рано останалите поверенства правеа планови за својот стручен персонал, Поверенството на внатрешните работи не можеше да расчита на персонал по управната работа кој служеше како на великобугарските така и на великосрпските окупатори. Нашата македонска интелигенција бидејќи свесна да миналите режими служат на против народните власти не влегуваа во служба на тија тугји за македонскиот народ управни служби. И така во редовите на македонската интелигенција не се најдуваат стручно оспосовлјени за управната служба кадрови. Поверенството расчиташе само на нов персонал кој ке се оспособи во токот на изградуванјето на управната власт“. Заклучокот би бил дека од немањето на стучен кадар за виталните функции на државата не значи дека треба секој што ќе посака да биде дел од нив, да ја има таа можност. Така, бил запрен процесот на деконспирација на Поверенството за внатрешни работи, а тоа со години се градело со здрав и обучен кадар. Секако, не со курсеви во траење од шест месеци.
За извештајот на Поверенството за просвета нема да ви пишувам бидејќи е толку интересен и толку многу има да се научи од него, што презентирање на негови одделни делови само би ја осакатило неговата исклучителна содржина.
Но, затоа пак ќе ви напишам еден дел од извештајот на Поверенството за судство, во кој стои дека: „Това Поверенство поради специјалните условија не може да разгране наполно својата дејност. Се пак оно пројави доста голема активност, со која постави основата за окончателното уредуванје на судебното праворазданје, така како се поставуе во денешните условија. На прво место по сите околијски и градски НОО се образувани судски отдели со прочелник на судството и нужен персонал. По обласните НОО и општинските НОО образуването на судски отдели е во организирането си.
Инвента и архивите на бившите судови са запазени на секаде освен на неколко места кои бева запалени и оплачкани во војната“. Заклучокот би бил дека од ништо се создавал македонскиот правосуден систем, но и дека биле зачувани архивите на поранешните судови. Да, архивите во кои ќе ги најдете најважните материјали за секој кој се огрешил или не. Но, архивите се неважни за некои современи интелектуални инвалиди.
Материјали има многу за различни теми, за православната црква во Македонија, дискусии по извештаите и секој еден лист носи своја порака. Само доколку некој сака да научи.
За крај, во извештајот на Поверенството за социјална политика, народно здравје и исхрана, пишува: „Со о г л е д на т е ш к о т о (како во оригиналот-К.Т.) положение во кое е стави окупаторот нашата земја Поверенството за соц. пол., нар. здравје беше поставено пред много тешки задачи, чисто незабавно разрешение се налагаше. Тука на прво место иде прашанјето за прехраната на населението и нашата војска. Со това прашанје, Президиумот се много пати занимавал, бидејќи денес истиот представлјава кај нас едно от нај-сериозните прашанја. Македониа и во нормално време не е могла наполно да задоволи нуждите на своето население за прехраната. Денес разрешуванјето на това прашанје се отежава и заради много лошото состојание на нашите комуникации, наполно разорени от окупаторот, која во голема степен отежава правилното распределуенје на резервите храни. Иначе, по приблизителни исчисленија во Македонија има жито да се задоволат нуждите на народот со хлеб до месец април идната година, уклучвајки тука и нуждите на војската. Што се односи до месо, зарзават и други произведенија, смета се оти нуждите можат да бидат задоволени. Поради това Президиумот реши да организира прехраната не со реквизиции и ограничени дажби, како беше за време окупаторските власти, кои бева страшно намразени от народот, а со по-малку или повеќе слободна продажба на тие производи, само Президиумот си резервира правото да нормира цените се избегнала спекулациата во нив.“ Заклучокот би бил дека потребите на населението и војската биле приоритет и за извесен период обезбедени, а тоа се прави со добра организација и макотрпна работа. И уште заклучив дека македонската Влада во 2024 година работела исто како Президиумот после разурнувачката војна во 1944 година, со „нормирање“ на цените на прехрамбените производи.
Веројатно се прашувате зошто ви го пишувам сето ова?
Затоа што денешната состојба во нашава Македонија е многу слична по руинираноста како нашата Македонија по 1944 година. Денес е уништено сѐ што може да се уништи во сите Министерства што ги имаме. Иако нивната бројност е тродупла од бројот на оние Поверенства кои од пепел ја изградиле македонската држава. И кога ме прашувате, како да се обнови уништеното, еве вака. Со вистински луѓе на вистински места, со трудољубивост и посветеност за доброто на државата, а од тоа ќе произлезе и добробитта за поединецот.
Проф. д-р Катерина Тодороска