Банкротот не е антипод на пазарната економија, туку нејзина потврда! Компании се создаваат и пропаѓаат, се ликвидираат.
И во парламентарната демократија никој нема право на монопол, никој нема ексклузивно право, политичкиот плурализам е правило за сите. Некои партии се формираат, други се расформираат, тоа не е крај на државата, уште помалку на светот, туку потврда на парламентарната демократија, затоа што суверенитетот произлегува од народот, од нејзините државјани и ним им припаѓа.
Не постојат вечни партии со тапија на државноста! Тоа, само во тоталитарните режими, во едноумниот систем на “лидерот“, односно фирерот…
Се разбира, власта еднаш се освојува за вечно да се владее, ама во услови на политички плурализам уметност е да се задржи, затоа што се’ е менливо и минливо! И не е трагедија ако нешто било, па поминало! Посебно во политичкиот плурализам, каде што нема монопол врз идеологијата, ама и каде што најчесто името на партијата нема врска со практиката.
Во услови на дигитализација и кибернетско општество државата е софтвер, може да се инсталира во еден чип. За секој влез има излез. Но, “леви“ и “десни“ партии, партии на “центарот“ е иманентност на едно трајно минато свршено време, времето на комунизмот и капитализмот како глобални светски системи односно процеси од дваесеттиот век. Кој се занимава со таа перцепција, далеку е од реалноста, живее во виртуелност каде има се’ и ништо не постои. Затоа и рокот на траење им е како и ланскиот снег кој се’ поретко го има.
“После мене потоп“ и “без мене крај на светот“ во пазарна економија и политички плурализам е илузија и приказна за мали деца! Можеби некогаш било, но тоа повеќе го нема, бидејќи времето поминало.
Пазарната економија и политичкиот плурализам се услов за здраво општество и просперитетна држава!
Пазарот е борба на идеи, услуги и производи. Кому довербата нему профитот. Парламентарната демократија е, исто така, борба на идеи, програми и проекти. Кому довербата нему власта. Кој губи има право да се лути…
За тој што тие правила ги прекршува и создава хаос наспроти сите, да го има без доверба и мандат, без пазарна и изборна верификација, со насилство и агресија против имотите и животите на останатите, на сите… Нему на врат полицијата и армијата, редот и поредокот еднаков е за сите.
Без секој се може, без сите не… животот продолжува… Народот и државата, пред се’!
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Ставовите, информациите и податоците наведени во колумната се на авторот. Македонија Денес не стои зад искажаните ставов, а ниту пак гаранитра за точноста на содржината.