Два дена пред роденденот. Рано наутро ја натоварив колата со бројните ќеси полни со подароци и тргнав кон Делчево. Два дена до роденденот на син ми – а сè уште ниту одговор на безбројните пораките, ниту повик. Тишина што убива.
Возејќи по добро познатиот пат, радиото успешно пушташе стари екс-ју песни. Некои звуци едноставно го враќаат срцето назад во времето. Не многу назад, но доволно за миг да се потсетам на животот исполнет со мир и хармонија. На дваесетина километри пред Кочани, гласот на Балашевиќ го исполни автомобилот. „Регрутеска“ беше на репертоар.
Веќе при првите стихови очите ми се насолзија. Ги знам наизуст неговите песни – уште пред гласно да ги испее, умот ми ги повлече сите зборови од песната како лента што се одмотува:
Sine moj…
Ti se majke secas nejasno…
Dobre senke iznad kolevke…
Poc’o si da pamtis prekasno…
Osluskujem lepet andjela…
Znacu valjda da je nadjem ja…
На крајот на песната ми се роди идеја – да објавам приказна на Фејсбук, со последната строфа од истата песна:
Sine moj, sve su to barabe…
Ne dam ja mog spomenka bokor…
Derane… Drž’ se tvoga babe…
Nisi ti za taj jad i pokor, ej…
Да. Сите се бараби. Сите оние што не му дозволуваат на таткото да биде присутен на роденденот на својот син.
Татко што сè жртвува, што го живее животот низ болка, но со љубов за своето дете. Татко што не е ниту коцкар, ниту насилник, ниту криминалец, ниту зависник. Само посветен човек на семејството. На детето.
Не бараби туку крајно изманипулирани се и оние што, (не)свесно ја поддржуваат мајката и нејзиното штетно однесување како за детето, така и за неа, и за мене. Иако, морам да признаам – сите од нив се исто така изманипулирани, како што некогаш бев и јас. Не им замерам. Не им се лутам. Не им го земам тоа толку за зло. Нема се трудам да им докажам како се вплеткани во мрежата на нејзините манипулации и лаги. Со свој очи го имам видено тоа, како со кажување лажни работи за нејзините другарки се обидуваше да го навлечам гневот на нив. Истото им го кажува и на нејзините другарки за мене. „Дамјан и Каролина немаа воопшто добро мислење за тебе. Вчера Дамјан те вреѓаше. Ме охрабруваат да се разделиме и дека они ќе го чуваат детето“ една од конструкциите што ги правеше и кога меѓу нас беше “добро” со цел да ме скара со нејзините (тогаш и заеднички пријатели) . Уште поужасни беа и манипулациите и местенките што ги правеше на Сара и Милан, на пријателката Валентина… Они не се свесни, а јас го приметив тоа кога беше веќе предоцна.
На истиот начин се обидуваше и обидува да добие поддршка од роднините и пријателите, манипулирајќи ги, претставувајќи им лажна и искривена реалност. Манипулации и искривувања што човек ќе помисли дека се можни само во холивудски психолошки трилери.
Околу 11 часот пристигнав во Македонска Каменица. Се видов со мојот пријател Сашко. Испивме кафе во еден локален кафиќ, иако инсистирав да одиме да ручаме во Делчево. Сакав да го замолам да ги однесе подароците кај моето дете – неговото присуство таму можеше да ја амортизира ситуацијата. Моето појавување, пак, два дена пред роденденот, ќе значеше реализација на нејзините закани:
„Ако дојдеш на роденденот, ќе повикам полиција и ќе барам ограничување за приближување до мене и детето.“ (за подоцна да разберам дека на блиските зборела „како не му е срам да не дојде на роденденот на синот и да ме остави се ја да организирам“).
Одамна ги сфатив сериозно нејзините закани. Таа е таму. Тоа е нејзин терен. Лесно може да дојде до целта. Не знаев на што беше спремна особено откако ја фатив како го запоставува детето додека ја гаси сексуалната жед со полицаец од Делчево…. А ја не сакав скандали, уште помалку на роденденот на мојот син, на сцена на која она беше и главен сценограф и главен сценарист.
Во 14 часот пристигнав во Делчево. Направив еден круг низ градот. Застанав до маркетот, купив некои ситници. Потоа се упатив до бензинската – земав кафе за носење. Го испив горе, кај Манастирот. Од таму, Делчево изгледаше како да се гаси под тежината на темнината што полека се спушташе.
Решив да продолжам кон Берово. Не ми се чинеше паметно да останам во хотелот спроти нејзината куќа.
Додека минував крај нејзиниот дом, видов дека нема ниту едно светло запалено. Се запрашав – каде се? Каде го носи детето кога мене ме нема?
Во вечерните часови стигнав во Берово. Земав соба, се сместив. Решив да прошетам до чаршијата. Температурата беше под нула, но имав надеж – можеби се и тие тука и се излезени да го видат украсениот град.
Секако, тоа беше само лажна надеж. Тивка игра на умот што сака да ѝ даде утеха на душата.
По триесетина минути пешачење, се вратив во собата. Отворив црвено вино. И во тишината го склопив видеото со „Регрутеска“ и графитот:
„Sine moj, sve su to barabe.“