Светскиот Македонски Конгрес соопшти дека бугарските власти донеле одлука со која на адвокатот Тони Менкиноски му е изречена 10-годишна забрана за влез во Бугарија.
Според информациите, адвокатот Менкиноски на 7 март 2026 година (сабота) во 11:30 часот ќе одржи прес-конференција во својата адвокатска канцеларија на булевар „ВМРО“ бр. 7/31 во Скопје, на која ќе ја обелодени, како што наведува, „скандалозната одлука“ на бугарските власти.
Менкиноски изјави дека одлуката претставува директен напад врз неговата адвокатска работа.
„Овој чин претставува директен напад врз мојата адвокатска дејност и обид за мое замолчување, имајќи предвид дека сум правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, изјави Менкиноски.
Тој најави дека на прес-конференцијата ќе изнесе повеќе детали за причините за оваа мерка, како и за последиците што таа може да ги има врз неговата работа и врз заштитата на човековите права на Македонците во Бугарија.
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја осуди одлуката на бугарските власти, оценувајќи ја како дискриминаторска мерка.
Од СМК бараат македонската влада да испрати протестна нота до Бугарија и да размисли за реципрочни мерки во вакви случаи.
Организацијата исто така изрази загриженост дека со ваквите мерки се ограничуваат слободата на говор и професионалната работа на адвокатите кои се занимаваат со заштита на човековите права.



