На само 2 часа возење од Скопје или точно 150 км се наоѓа Делчево, мало, симпатично гратче со не повеќе од 10 илјади жители (според последниот попис на населението). Најпозната знаменитост е планината Голак каде своевремено се наоѓаше најпознатото детско одморалиште Голак. Од градот одалечено е 13,4 км или 23 минути возење со патнички автомобил. Се вози по одличен пат, без дупки и одлична сообраќајна сигнализација што за момент доаѓа да се запрашате „Дали ова навистина се наоѓа во Македонија?“.
Голак – планина за секој период од годината
Голак е средновисока планина лоцирана помеѓу Делчевската Котлина на исток и Кочанската Котлина на запад со т.н. меридијански правец на протегање. Планинскиот масив опфаќа 12.800 ха, односно е долг околу 40 км а широк околу 20 км. Спаѓа во средно високите планини, а највисок врв е Чавка (1.538 м), под кој се наоѓа современ туристичко-рекреативен центар (1.400 м), 12 км од Делчево и на кој се наоѓа игралиште за фудбал, кошарка и тенис. Истоименото детско одморалиште располага со 230 легла и денеска е во целост руинирано.
Она што ја прави посебна оваа планина е тоа што е идеална за секој период од годината.
Пролетниот и летниот период е идеална доколку сакате да се сокриете од летните горештини и да се “споите” со густата зимзелена шума. Нуди одлични можности за бројни активности – од пешачење, искачување, планински велосипедизам, но за оние физички поспремните тука е трансферзалата од над 20 км.
Оние кои ја сакаат планината повеќе во зима нема да имаат причина од разочарување. Иако планината спаѓа во групата на средни кои во текот на годината немаат често снег, Голак поголем дел од зимскиот период е со снег (секако зависи од сезоната). Иако нема патеки за скијање, нуди бројни активности кои може да се практикуваат на снег. Токму и една поскромна ски патека од 500-тини метри која може да се изгради е она што најмногу фали на планината.
Располага го голем број на билки и чаеви кои се берат од месец април па сè до месец октомври како што се жолт и црвен Кантарион, Мајчина Душица, Бела Рада, Ајдучка трева, Бозел, Шипинки, Капини, Диви Јагоди, Подабиче, Нане, Јаглика итн. Се среќаваат голем број на печурки меѓу кои и јадливите Врган, Лисичарка, Буковка, Срндак итн. На планината Голак се среќава и поголем број на дивеч како што се дива свиња, див зајак, лисица, кафеав орел, понекоја срна како и повеќе видови на глодачи.
Вила Аспен – нешто посебно во македонската туристичка понуда
Ако одите на Голак тогаш вистински избор е Вила Аспен. Сместена во густа борова шума на 1400 метри надморска височина, Вилата ви обезбедува целосна приватност, но и безпрекорна интеракција со природата.
Изградена минатата година и располага со 12 еднокреветни и трокреветни соби како и неколку апартмани. Воочливо е дека е посветено огромно внимание, љубов и ентузијазам како на екстериерот така и на ентериерот. Па така доминира комбинацијата на дрво и камен што дава топлина на внатрешноста, токму онака како што треба да биде кога станува збор за планинско сместување.
Дека се следени западните принципи на изградба и опремување на планински сместувачки простор, се приметува и по бројните модерни детали кои додаваат дополнителна вредност на сместувачкиот капацитет.
Најубав детал е каминот кој го надополнува планинското доживување, особено во зимскиот период кога околината е покриена од снежна обвивка.
Во дворот на вилата се наоѓаат бројни реквизити за најмладите па така ова место го прави идеално и за семејства со мали деца кои сакаат да избегаат од секојдневната гужва во градовите и да поминат квалитетно и неезаборавно време со своите деца кои пак ќе имааат ново доживување.
Идеално е и за групи на авантуристи кои сакаат повеќе адреналин, несебично создавајќи нови, возбудливи моменти за паметење.
Делчево за крај
За надополнувањето на планинското доживување се грижи и градот Делчево. Тука се наоѓаат бројни ресторани чија цена на храната и пијалоците е и за двојно пониска од онаа во Скопје. Вкусната храна се надополнува со жива музика која не е изоставен дел во викендите.
Делчево е идеално и за летниот период. Ако нѐ прашувате кој град во Македонија, освен оние сместени покрај трите природни езера, нуди најдобри услови за поминување на летниот период, тогаш дефинитивно тоа е Делчево. Најголема причина за тоа се трите базени и тоа: Градскиот базен кој минатата година беше целосно реновиран, базенот во рамките на Хотел Санрајс и базенот во Парк Панорама. Сите три се одлични, средени и чисти. Нудат одлична програма, особено за викендите.
Во близина на Делчево се наоѓа и манастирскиот комплекс, селото Разловци со Спомен домот АСНОМ, тука е и селото Град со тврдината Градиште.
За оние кои сакаат да поминат повеќе денови во овој крај тогаш во близина е и градот Пехчево со бројните водопади и природни убавини, Берово како и Македонска Каменица.
Благоевград од Делчево е одалечен на само 40 минути.