Интервју со Зоран Петковски, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на политичката партија Демократи.
1. Што Ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Гази Баба, и кои се Вашите главни приоритети доколку ја добиете довербата на граѓаните?
ЗП: Главна мотивација за да се вклучам во политиката ми е тешката ситуација во која се наоѓа нашата држава и на народот во неа, екстремно високото ниво на висока корупција, организиран криминал, партизација на државата, иселувањето на луѓето. Долго време се мачев да ја откријам причината за тие големи зла на денешницата во Македонија, и конечно, откривајќи го изборниот систем во Скандинавските држави, ја открив и главната причина, а со тоа следуваше и откривањерто на решението на тие проблеми. За ова можам долго да зборувам, со години го проучував проблемот, ама само на кратко ќе кажам дека главна причина за овие големи проблеми е изборниот систем со затворени листи и гласањето за партии, во кој систем претседателите на партиите ја имаат изборната моќ и тие одлучуваат кој ќе стане пратеник и советник во општината. Како претставници на народот пратениците и советниците ја имаат најголемата моќ во државата да одлучуваат, но со затворените листи тие, за ставање на добитно место на листата, ја ставаат оваа своја изборна моќ во служба на претседателите на партиите, и од кои некој најчесто станува премиер, и гласаат по нивен налог, што е пример за висока корупција и за кршење на уставот, според кој пратениците и советниците работат и гласаат слободно и според сопствено мислење. Ова е причината за огромната изборна моќ која ја има премиерот на државата, односно претседателот на победничката партија на парламентарни избори, и тоа е главната причина за сите високи корупции и партизација на целата држава, да не може никој да се вработи на некоја позиција во некое министерство или администрација ако не е со одобрение на премиерот, односно ако не е ставен во негова апсолутна служба, што по дефиниција е автократија.
Во Скандинавија одамна ги имале истите проблеми и го пронашле изборниот систем со отворени листи, каде што наместо за партии се гласа за личности. Тогаш ние народот одлучуваме кој ќе стане пратеник или советник, а не претседателот на партијата, изборната моќ преоѓа во наши народни раце, и тие наши избраници ни се лојални нам, на народот, а не на претседателот на партијата или на премиерот. И тогаш настанува вистинската демократија, тогаш народот е власт во државата, а политичарите се само наши народни службеници. Така се мора да се работи според закон, пратениците ја контролираат работата на владата а советниците работата на општините, и веќе нема никаков простор за висока корупција, организиран криминал и партизација. Затоа во земјите со целосно отворени листи државите функцитаат одлично, а народот таму е среќен и задоволен од државната администрација.
Затоа јас веќе неколку години барам промена на изборниот систем и воведување на отворените изборни листи во Македонија, но наидов на една огромна блокада на темата, како кај политичарите така и во поголемите медиуми, кои се под контрола на политичарите. Затоа решив да се вклучам во политиката, и за да им го објаснам системот со отворени листи на луѓето, и за да можам активно да се борам за него.
2. Гази Баба е една од најголемите општини во Скопје. Кои се најголемите предизвици со кои се соочува и како планирате да ги надминете?
ЗП: Токму ова што го зборував се најголемите предизвици, како во Гази Баба така и во останатите општини: високата корупција и организираниот криминал во општините, често нарекуван урбана мафија, и заради кој имаме нефункционална и нетранспарентна општина, која е партизирана и пренатрупана со партиски кадри. Само минатата година во Гази Баба државата инвестирала околу 12 милиони евра во проекти – кои никој не гледа каде се, што значи дека голем дел од тие пари веројатно се испрани и завршиле на приватни и партиски сметки, што е токму висока корупција и организиран криминал. Веројатно истото и денес се случува.
Ова може да се надмине само со воведување на изборниот систем со отворени листи, кој заробените пратеници не сакаат да го изгласаат. Затоа во кампањата ќе зборувам најмногу за објаснување на тоа каде е причината за најголемите проблеми во општината и државата, и за најлесното, најефтино и најефикасно решение – воведувањето на отворените листи. А доколку ја добиеме довербата на жителите на општината, јас или некој од советниците на листата – ќе работиме според принципите на отворените листи, што значи жителите за се да бидат прашувани, известувани и да им се дава редовен отчет за одработеното, за и тие и целиот народ практично да видат која е разликата помеѓу затворените и отворените листи, па на следните избори да гласаат за опцијата која се бори за итно воведување на отворените листи во Македонија – за ДЕМОКРАТИ.
3. Инфраструктурата е чест проблем – улици, канализација, паркирање. Какви конкретни решенија предлагате за подобрување на урбаниот живот?
ЗП: Јас работам како главен раководител во приватна фирма, па многу добро знам како се раководи со луѓето – јасни и чесни договори и нивно детално спроведување, како од моја страна така и од страна на работниците. Голем дел од заштедени средства на општината од скратените висока корупција, организиран криминал, непотребни расходи и сл. ќе отидат во зголемување на платите на работниците во општината, ама од нив ќе се бара редовно извршување на сите работни обврски. Така сите ќе бидат задоволни, и вработените во општината и граѓаните со нивните услуги, и плус ќе останат многу пари за рентабилно работење на општината и за помош на граѓаните во здравството, социјалата и културата.
4. Граѓаните често се жалат на загаден воздух и депонии. Како ќе се справите со еколошките проблеми во Гази Баба?
ЗП: Најнапред општината има свои служби кои максимално ќе си ја вршат својата работа, и за контрола и инспекции на терен што се случува, дали има дивоградби, диви депонии и сл, и ќе си ја работат својата контролна и санкционирачка работа. Исто така ќе се комуницира со жителите на општината редовно, ќе се бараат предлози за тоа кои се најголемите проблеми во општината и кои решенија се предлагаат, за тоа задолжително ќе се расправа во советот на општината, и сите решенија и проекти ќе се спроведуваат во одредените рокови и со одредениот квалитет. Принципот на отворените листи е директната демократија, жителите не само да бидат за се прашувани и известувани, туку да им се дава редовен отчет и до каде е извршувањето на проектите, и детален отчет за секој нивен потрошен денар. Транспарентноста, редовното известување на жителите и редовната отчетниост се најголемиот противник на високата корупција и организираниот криминал, а советниците на општините по принципот на отворените листи се народни службеници, а не лидерски слуги. Така веќе нема да се палат депониите, нема ни да има диви депонии, службениците ќе си ја работат својата работа, ќе се работи на сите идеи и предлози од жителите за чиста еколошка средина, и така, според принципот на отворените листи, жителите сами ќе ја водат општина Гази Баба, според своите потреби и желби, а јас како градоначалник и советниците само ќе им служиме и ќе им помагаме во тоа. Така е во развиените земји, зошто да не е така и во Гази Баба, и во целата држава.
5. Младите бараат повеќе спортски и културни содржини. Дали планирате нови проекти за нив и на кој начин ќе се задржат младите во општината?
ЗП: Јас цел живот сум врвен спортист и многу добро ги разбирам желбите на младите за спорт. Ќе се направи контакт со младите, да дадат нивни предлози и идеи што и како сакаат да се направи во општината, тоа најчесто не се големи пари и треба само добра воља, и максимално ќе се излезе во пресрет на младите, советот ќе ги разгледува нивните барања и ќе изготви проекти, а младите преку онлајн платформа ќе бидат редовно информирани што се презема и до каде е реализацијата на нивните проекти. Еден од таквите проекти на ДЕМОКРАТИ е и бесплатен интернет на сите јавни површини на општина Гази Баба, затоа што знам колку на младите им значи интернет комуникацијата, и силен бесплатен интернет.
6. Како ќе ја подобрите транспарентноста на локалната самоуправа и вклученоста на граѓаните во носење одлуки?
ЗП: Досега зборував за тоа, принципот на отворените листи подразбира максимално вклучување на жителите на општината во давањето идеи за проекти, нивно прашување кој проект да добие приоритет, и нивно постојано известување за реализацијата на проектите и за трошењето на нивните општински пари. Транспарентноста на работењето е главен принцип на системот отворените листи. Со тој систем не само што жителите се прашуваат за идеи и предлози, туку советниците избрани според принципот на отворените листи постојано ги прашуваат жителите, преку своите политички профили на социјалните мрежи и преку онлајн платформата, како жителите сакаат тие да гласаат на совет за одредени прашања. Со отворени листи нема веќе лидерски послушници, туку советници кои им служат на жителите и гласаат на седниците на Советот според нивен налог. Така ние жителите сами ја водима нашата општина, и максимално сме вклучени во нејзината работа.
7. Која ќе биде првата мерка што ќе ја спроведете во првите 100 дена како градоначалник?
ЗП: Првата мерка откако ќе станам градоначакник ќе биде – согледување на состојбите во општината, како организациски така и финансиски, и за тоа ќе ги известам жителите, тие се сопственици и газди во нашата општина и тие треба тоа да го знаат, која е вистинската состојба во општината, како ја раководела претходната структура. Потоа ќе направам широка анкета кои се потребите и барањата на жителите од сите делови на општината, и на Советот на општината ќе се разгледуваат сите барања и ќе се одлучува кои барања се приоритетни за извршување, ќе се направи нивно приоретизирање и рангирање. И потоа ќе следи тековното работење на општината, максимално ангажирано, и редовен контакт со жителите преку дигиталната онлајн платформа и политичките профили на социјалните мрежи. Уште од самиот почеток на моето работење жителите на општината треба да видат дека тие се главните во ооштината, и дека заедно ќе ја водиме, според принципот на отворените изборни листи.


