spot_img

Либан истрела 25 проектили кон Голанската висорамнина

Тел Авив, 14 април 2024 (МИА) – Во Голанската висорамнина утрово се огласија сирени за тревога бидејќи Либан истрела околу 25 проектили, соопштија израелските одбранбени...
spot_imgspot_img
ПочетнаИнтервјуВанковска: Омилен спортист сепак ми е Новак Ѓоковиќ

Ванковска: Омилен спортист сепак ми е Новак Ѓоковиќ

„5 прашања – 5 одговори“ со универзитетскиот професор и претседателски кандидат Билјана Ванковска

  1. Колку често следите спорт? Кој е вашиот омилен спорт?

БВ: Наспроти општото уверување дека жените не следат спорт, јас ги обожувам сите спортови и следам колку што ми дозволува времето. Тоа е наследство од времето на моето детство кога нашите (тогаш југословенски) репрезентации и спортисти беа светски и европски прваци. Така ни се всади и чувството за национална гордост, верба дека можеме да ги достигнуваме сите спортски и други Олимпи, но и натпреварувачкиот дух. Не е важно само да се учествува, туку и да се победи. Кога станува збор за македонскиот спорт, се разбира, на прво место е ракометот. Голем фан сум на Премиер лигата и на Ла Лига. Омилен спортист сепак ми е Новак Ѓоковиќ, кој е најголем на сите времиња и умее да покаже не само големина, хуманост туку и оној толку потребен инает кога сите се против него. Тој е пример за сите деца на Балканот.

  1. Кое е вашето омилено место во Македонија? Зошто баш тоа?

БВ: Македонија е мала земја со неверојатно голем број прекрасни места, природни и културни убавини. Навистина ми е тешко да издвојам некое посебно (се обидувам да ги посетувам во секој миг на одмор). Скопје ми е роден град, си го сакам, ама и ме фрустрира кога го гледам нечист, хаотичен, бетонска џунгла и урбана мафија која му го смени изгледот. Ако треба да издвојам некое место, посебно чувство на восхит ме опфаќа секогаш кога ќе застанам во дворот на манастирот Св. Јован Бигорски, па отспротива ќе го здогледам извишениот Крчин (опеан во песните на мојот татко, работник-поет). Можеби е и до мијачките корени, не знам. Но, знам дека таму се чувствувам прекрасно, слободно, и некако гордо дека потекнувам од тој крај.

  1. Кои се дестинациите кои ги немате посетено, а би сакале да ги
    посетите?

БВ: Животот, односно кариерата повеќе ме туркала кон западната хемисфера, но она што ме привлекува е магијата на истокот. Пред пандемијата имав сериозна намера да го пропатувам Иран и тоа со возило (претходно ја прошетав Турција која е волшебна земја). За жал, нештата се сменија многу оттогаш – но планот останува. Следен на листата би бил Јордан, а на крајот би биле Кина, Русија и Кенија. Неверојатно е колку малку знаеме за светот на кој му припаѓаме. Стануваме европоцентрични и, за жал, ни всадуваат негативни емоции кон сè што не доаѓа од западот. Напротив, јас сметам дека истокот и југот се преполни со културни и цивилизациски вредности, искуства, храна, традиции… Тоа ме привлекува.

  1. Како вообичаено ја поминувате неделата како ден?

БВ: Вакво прашање поставено на некој што е зависник од работа (воркохолик) лесно се одговара, хаха: работа, работа, работа! Кога работите на академска, интелектуална работа тешко е да се држите до некое зададено работно време или дури и до викенди. Наутро го отворам лаптопот, ставам слушалки за музика (слушам онлајн радио, или џез или класична музика, според расположението), па читам или пишувам. Ова е особено точно откако престанаа родителски обврски и децата пораснаа. Понекогаш ми треба силен надворешен поттик (наредба, хаха) да станам од бирото и да прошетам кога е времето убаво. Времето за неделен одмор е во попладневните часови, кога ги следам натпреварите на моите омилени фудбалски тимови или гледам некој филм. Но, откако станав (вистински) возач за време на пандемијата, почнав да уживам и во возењето; ако треба, и по 8-9 часови без одмор. Открив ново задоволство, повторно благодарение на надворешен поттик.

  1. Кога би фатиле златна рипка, кои три желби би сакале да Ви ги
    исполни?

БВ: Јас во бајки не верувам. Не само во таа за златната рипка, туку дури и во европската бајка, која стана клише во политичките дебати. Небаре ЕУ ќе ни ги исполни сите желби ако само се „европеизираме“… Сметам дека човекот е дејствително/активно суштество, кое може и треба да работи на остварување на своите желби, ама и на интересите за целата заедница. Нив ги има секогаш повеќе од три, зошто животот е сложен, а и ние како битија и заедница. Проблемите и тешкотиите може да се изгледаат несовладливо, но кога се вложуваме во нешто – дури и да не ја оствариме посакуваната цел – ние работиме на себе. Јас верувам во акција, и тоа најчесто колективна. Само така ќе си ги оствариме потребите за себе и за целата држава.

Придружете се на Вибер каналот на Македонија Денес. Притиснете ТУКА.
spot_img
spot_img