Повеќе од една деценија професионална работа во медиумите, стотици животни стории пренесени преку малите екрани, многу предизвици, искушенија но воедно и адреналин и мнооогу љубов за професијата која ја работи со години наназад. Сунаи Сабриоски е роден прилепчанец, професионален новинар кој што внесе вистинско освежување во новинарската фела, образован, културен, специфичен но и без “влакна на јазикот” кога станува збор за професијата. Го прашавме за стилот на облекување, работата, но и опасноста која ги демне новинарите при извршување на работата…
1. Најпрвин Сунаи добредојде на Кафе муабет со… Кажи ни како ти започнува денот?
С.С. Веројатно како и на сите нас индивидуално. Има денови кога се будиш пресреќен а не знаеш да си објасниш зошто е тоа така но и обратно, има денови кога едноставно не ти е до ништо па некако гледаме да најдеме некоја позитивна работа која ќе го развесели денот и ќе го направи да биде подинамичен и инспиративен. И да, вообичаено сум буден пред седум часот и во тој случај денот ми е пофункционален бидејќи сум го фатил шо се вика денот посабајле но ако се разбудам после девет часот е тогаш е борба со себе хахах. Првиот час од моментот на будење е исклучиво за мене и за никој друг, се пие едно еспресо за едно око, па второ еспресо за другото око и може да започне денот а понатаму денот се претвора во раскрсница без семафори. 😊
2. Кога се роди желбата за новинарството? Дали оваа професија е остварување на еден сон?
С.С. Постоела од секогаш љубовта кон оваа професија, уште во основно училиште некако имав и наставници кои обрнуваа големо внимание на мојот развој папостојано бев опкружен со некакви информации посебно преку многу списанија кои што можевме да си ги дозволиме „Браво“ и „Тин шема“ беа моите омилени, па изработувавме ѕидни весници. Како растев се повеќе ме влечеше професијата новинарство па се нешто си правев филмови отсликани преку ликот на Херкул Поаро бидејќи некако Агата Кристи ми стана омилена и се нешто околу тие истражувања одгатнувани нели од Поаро и така натаму.
Дали оваа професија е остварување на еден сон? Сонот е непрекинат па следствено на тоа не би можел да кажам дека е остварување затоа што новинарскиот сон постојано се сонува. Во тој сон постојано си во некаков сообраќаен хаос во кој мора да внимаваш да не некој ти го прекине да го живееш тој сон. Професијата е таква да мора постојано да сонуваш за некакви достигнувања иако тие соништа некогаш се пресретнати од некакви си полиња со диви нарциси па тука е борбата за опстанок на сонот.
3. Иако си релативно млад, сепак долги години си дел од новинарската фела. Имаш ли некоја сторија за која си посебно горд?
С.С. Мојот карактер е таков што може многу лесно да се процени кога некој продукт е работен со полн адреналин и максимална вложеност но и кога некој текст е само во рамки на дневното информирање. Не би можел да издвојувам, има мнооогу такви стории во кои се вложени многу чувства, емоции, љубов, адреналин и амбициозност за квалитетен продукт кој не е сработен само за да се пополни програма. Во моментов тоа што ми текнува е за малата Ана и нејзиниот дедо Слободан Маџовски – една толку искрена сторија во која дедото беше искрен од дното на душата и не бараше помош за пари, куќа или нешто друг оматеријално, бараше единствено грижа за неговата внука додека тој се бореше за да опстане и да не ја изгуби својата работа а меѓу другото и да не ја изгуби својата внука.
4. Кое е твоето мислење за новинарството во Македонија? Имаме ли објективно новинарство?
С.С. Новинарството некогаш била престижна професија но некако како да се добива впечаток дека тој статус се поинтензивно се губи а со тоа и довербата кај граѓаните во новинарското перо. Јас се уште верувам во оваа професија и се уште мислам дека може да прават промени. Но, некој таму веројатно згрешил во проценката за моќта на оваа професија па решил полека да ја свиткува кичмата затоа што нечии интереси станале и лични па се испомешале лончињата и се губи кредибилитеот. Мислам дека се уште некако се носиме со сите ризици на професијата и некако добро се носиме со се она што не опкружува во креирањето на информацијата. Објективност би рекол дека има и дека постои. Но постои и скептицизмот дека сме само обична перална за нечии интереси и тоа пред се од луѓе кои политичко-партиското расмилување не излегуваат подалеку а со тавите луѓе колку и да се обидуваш да им пренесеш објективност секогаш ќе те стават во некаква вреќа на едните или другите бидејќи веруваат во она што само партијата ќе им го каже па поради тоа ти можеш само да се убедуваш дека си објективен бидејќи во нивните очи ти си „платеник“. Но ги разбирам и таквите размислувања бидејќи тие луѓе не ја разбираат нашата работа која пак од некои структури во фелата е разнишана па некако и луѓето ја имаат таа перцепција за новинарството. Но, секако наше е да се избориме за таа обејктивност и пред се за довербата кај граѓаните бидејќи можеш да си и најдобриот новинар но залудно ако луѓето не ти веруваат!
5. Каков е интересот на младите за новинарската професија? Сакаат ли младите да истражуваат?
С.С. Да не е жално ќе биде тажно за тоа каков е интересот на младите кон оваа професија. Поминало времето кога младите се информирале само од баба и дедо, сега информациите ги имаат, што се вели на тацна, ги следат состојбите и брзо учат дека оваа професија не е за нив. Ние, скоро и ништо да не правиме за да ги заинтригираме младите да покажат афинитет и љубов кон оваа професија затоа што на младите се гледа како на бројка која треба да пополни време во етер. Тие пак брзо сфатиле со што би требало да се опкружени кога би се впуштиле во оваа професија. До пред некоја година беше моментот на „дај друго дете“ сега тие бираат – се во свое време. Дали сакаат, не би можел да кажам дека не сакаат. Сакаат, имаат желба, имаат адреналин и амбиција но секогаш ќе се погоди некој кој веројатно му здосадила професијата но е во истата само поради плата и здравствено па овие полни со амбиција и желба за работа се спречени. Секако, младите се информирани и пред се за платите прво што прашуваат колку пари и кога ќе слушнат какви ни се платите ти велат благодарам не. Секако, информирани се и за тоа какви се меѓучовечките односи внатре во медиумите па некако не лесно се впуштаат во борбата со високото его и суетата кое продира и небо. Има и многу други параметри кои влијаат кај младите кои сакаат да анализираат, да истражуваат но се повлекуваат од таквите идеи бидејќи гледаат дека нивниот труд не е ценет и дека е доведен во ситуација на бројка во тимот на редакцијата!
6. Загрозен ли е животот на новинарите? Си се нашол ли некогаш во ситуација на опасност?
С.С. Од секогаш сум велел дека оваа професја не е уредување стан, излог или двор. Ова е динамична професија која е исполнета со предизвици и ризици. Не е еднаш сум се нашол во таквии ситуации но за среќа завршувале со добро. Професијата ни е јавна и секако со самото тоа изложена на јавноста која знае да биде позитивно расположена но и со критички нарации со кои треба да се носиме. Како и во секоја професија така и во новинарството – опасностите демнеат.
7. Скоро секое твое појавување е доста впечатливо, уникатно, оригинално… би рекла единствен во стилот на облекување и секогаш во чекор со модата. Кој ти е омилен моден детал на себе?
С.С. Благодарам ако впечатокот е таков, но ниту се трудам да оставам впечаток а ниту сакам тоа да го диктирам, но добро е кога тоа доаѓа природно како рекација. Искрено, како детал гледам да е тоа искрената насмевка а од материјален аспект тоа е шеширот иако морам да нагласам тоа е дел од мене а не само парче детал на мене. 😊
8. Омилена модна комбинација?
С.С. Пратам трендови, следам што се случува во филмската, музичката и модната индустрија, имам свои омилени дизајнери но никако се што е пласирано во светската јавност не го пресликувам и пренесувам на себе бидејќи не се што гледаме е за секојдневие. Не сум преокупиран со тие работи можеби така делува но напротив не трошам време на комбинации туку едноставно е првиот костум што ќе се фати тој е за тој ден, а има денови кога целосно не обрнувам внимание дали е патика или чевла или е панталона или тренерка. 😊
9. Секојдневно на твојот фб профил знаеш да не почестиш со некој поучителен статус. Да го завршиме разговорот со некој од нив како порака до нашите читатели.
С.С. Хахах да, знам да забегам со некои статуси од време на време кога како се позитивни кога како критички во зависност од психолошкото расположение, сепак сме луѓе со различни чувства и емоции. Но, никако не го правам со тенденција да омаловажам некого. Често знам да кажам дека: „ Птиците родени во кафез мислат дека летањето е болест“ или пак да го цитирам познатиот Виктор Иго кој вели дека: „ Дури и најтемната ноќ ќе заврши и сонцето повторно ќе изгрее.“
Н.З.