Бизнис претворен во слатко задоволство, уметност, бренд. Шеќерната приказна на фамилијата Ристови од Струмица започнува пред 27 години, најпрво како обична слаткарница а со текот на времето прераснала во реална бајка во која царуваат извонредни и префинети слатки уметнички дела.
Никола Ристов од Струмица е сопственик на слаткарницата Канела и работи како Дизајн директор во истата. Бизнисот го наследува од неговите родители, најпрво идејата за отварање на ваква дејност ја добива неговата мајка а со текот на времето самиот тој преку неговата умешност и креација успева да создаде вистинско ремек дело од торти и други десерти. Дека Канела е бренд и реноме меѓу најврвните слаткарници на Балканот, доказ се и многубројните соработки што ги имале во соседните земји како што се Србија, Бугарија и Грција.
Што е тоа што ја прави Канела посебна?
Пред се квалитетот, оригиналноста и впечатливиот дизајн како и честото следење на трендовите и желбата да се достигне максимумот. Квалитетот на тортите е зачуван од самиот почеток, а совршениот дизајн ги привлекува потрошувачите кои имаат се поголеми и побујни желби во однос на обликот и изгледот на тортите.
– Желбите на потрошувачите се се поголеми, обично бараат што е можно повисока торта, торти што светат, се вртат или некои анимирани дизајни. Во главно се бара што е можно повпечатлив и оригинален дизајн, желбите се големи, меѓутоа не се невозможни, ние сме овде да ги исполниме! – вели Никола.
Инспирацијата најчесто ја црпе од желбите на луѓето. Како што кажува самиот тој, доволна е само една средба и неколку зборови од клиентите за да се нурне во морето од фантазија а подоцна заедно со тимот да направат предмет кој треба да се јаде а се вика торта.
– Убаво е чувството кога ќе ги видите воодушевените лица на луѓето и нивното огромно задоволство кога ќе го видат крајниот резултат. Сепак, највисоката цена е радоста и среќата која се гледа во детските очиња, од тоа нема ништо повредно и поскапо, кога ќе ме гушнат и ќе кажат дека тортата била најубава на цел свет и нивниот сон бил остварен, раскажува Никола.
Сепак, како што вели тој, во изработката на овие вкусни задоволства стои цел тим на луѓе кои се мошне добро координрани и работат со години наназад во оваа слаткарница, а некои и повеќе од 20 години.
– За еден бизнис да работи успешно, најбитна е одличната координација во тимот. Секој си има свое задолжение во изработкита на тортите. Тимот функционира беспрекорно и сакам јавно да им се заблагодарам, вели Никола.
Целата понуда можете да ја погледнете на фб страницата на Канела.
Н.З.