Пишува Тодор Петров
После говорот на германскиот министер за одбрана Борис Писториус (Boris Pistorius) на Минхенската безбедносна конференција на 15 февруари 2025 година кој ги освои аплаузите на присутните, наспроти обраќањето на американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс (James David Vance) на 14 февруари 2025 година, очигледно е дека пукна тиквата помеѓу Европа и САД. За жал, европската либерална елита не е свесна што ги снајде! Светот ниту започнува во Брисел, ниту таму историјата завршува!
Претходно, американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс на Минхенската безбедносна конференција ја нападна Европската Унија потсетувајќи ја дека, заканите по Европа не доаѓаат од Кина и Русија туку од самата Европа, поради неконтролираната емиграција и нејзиното одалечување од основните вредности кои ги споделува со САД – демократијата и слободата на говорот. Џејмс Дејвид Венс ги обвини европските демократии како авторитарни режими, осудувајќи ги притоа поништувањата на изборните резултати во некои земји-членки на Европската Унија и владеењето на цензурата поради разликите во мисла! Џејмс Дејвид Венс го подучи Брисел дека не е важно да знаат од кого се бранат, туку и зошто воопшто се бранат!
ЕУ заборави дека ако се знае целта ќе се најде и патот, но ако не се знае целта секој пат е погрешен!
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го осуди говорот на американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс, изјавувајќи дека говорот на Џејмс Давид Венс ги поткопува принципите на европската демократија, неговите изјави се погрешни и навредливи! Борис Писториус дури наведе дека Европа ја осудува цензурата, притоа дури и на медиумите кои промовираат руска пропаганда им е дозволено во Европа да функционираат без никаква одговорност, за да поентира “Во европската демократија секое мислење има глас, но демократијата не подразбира дека секое гласно размислување на малцинството автоматски е во право!“
Практично негативните критики против американскиот претседател Доналд Трамп пред неговиот избор во европските метрополи, беше доволен сигнал дека помеѓу Вашингтон и Брисел после изборите за 47 претседател на Соединетите Американски Држави, ќе се продлабочува кризата во американско-европските односи! И тоа се случува.
Европа дури не треба да биде разочарана зошто нема да биде на преговарачката маса за војната во Украина, затоа што имаа шанса во 2014 да ги спроведат договорите од Минск предводени од Франција и Германија, но отпосле ги бојкотираа и придонесоа да се случи војната во Украина. Која лудост ги дотера на ум дека Украина ќе ја победи Русија, или дека војната во Украина ќе ја легне на колена Русија, само Господ знае! Влетаа во бесмислена војна со длабоката држава на американските демократи поврзани со разно-разни левичарски движења во светот и уништија една цела нација!
ЕУ мислеше дека Вашингтон е должен воено да ги брани од “руското влијание” со се’ повеќе ембарга, додека тие ги продлабочуваат економските односи со Русија. Но Трамп им стави до знаење дека, САД ќе ги брани ако за тоа платат!
Остана само гротескниот заклучок на германецот Борис Писториус: “Ги отуѓивме нашите сојузници, ја ослабевме нашата безбедност и се доцедовме до потсмев на светската сцена. Европа нема да биде заплашена од оние кои се обидуваат да ги поткопаат нејзините демократски вредности. Европските нации остануваат обединети во нивната посветеност на демократијата и покрај предизвиците што ги поставуваат одредени личности во политичкиот пејзаж на САД!“
Преовладуваат мислењата дека мирот во Украина може да стави крај на ЕУ и НАТО, такви какви што досега ги знаевме и познававме.
Не е за чудо, ЕУ ќе биде се’ поразединета: Како Трамп расчистува со длабоката држава во САД, така ЕУ ќе се престројува, впрочем европските лидери отсега понизно кокетираат со новата американска администрација.
Еве и веста дека Еди Рама од социјалните мрежи веќе ги избришал фотографиите со Џорџ Сорос и син му Алекс. На панелот “Проширување на Европската Унија” на Минхенската безбедносна конференција, Еди Рама дури вели: “Изборот на Трамп е најдарежлив божји чин кон ЕУ, за на Европа да ѝ се даде шанса да се разбуди! Европа мора прво да престане да биде толку самореферентна. Вредностите и принципите што ги обединуваат земјите-членки на ЕУ треба да останат, но не треба да бидат услов да се има пријатели во светот! Мора да научиме да бидеме пријатели со другите, иако тие имаат различни вредности, различни мислења за тоа како треба да го живеат животот и како го гледат светот!“
А, Македонија? Ќе се снајде ли власта со Доналд Трамп или повторно ќе чека нови американски избори демократите да се вратат? Поточно, каде ќе биде Македонија помеѓу стратешкото партнерство со САД и амбициите за ЕУ во судирот помеѓу Вашингтон и Брисел? Прво, итно и безусловно забрана на фондацијата Отворено општество на Сорос во Македонија, иако нејзините кадри добро се распоредени во сите партии и институциите на власта. И почитување на волјата на народот на двата референдума на 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година. Како што вели Еди Рама, мора да научиме да бидеме пријатели и да соработуваме и со другите, различни од нас! На пример, со Русија и Рускиот братски народ и Кина и Кинескиот народ, како и до сега!
Крајно, мораме да запаметиме: Првите христијански цркви во Европа се изградени во Македонија; Првата покрстена христијанка во Европа е Македонката Лидија; Христијанството во Западна Европа доаѓа од Македонија; Светите солунски рамноапостолни браќа – Македонците Кирил и Методиј се патрони на Европа со одлука на Папата; Првиот универзитет во Европа е изграден во македонскиот Охрид, а не во италијанската Болоња; Покрстувањето и описменувањето на источно-европските народи е во Охрид, Македонија; Охридските епископи биле ефимеи на рускиот царски двор; Првата покрстена Рускиња е Великата кнегиња Олга покрстена и крунисана во охридската патријаршиска црква “Света Софија“ од Охридскиот Архиепископ Тимотеј во 955 година, а нејзиниот внук Великиот кнез Владимир е првиот покрстен Русин, исто така, во охридската патријаршиска црква “Света Софија“ од Охридскиот Патријарх Николај во 987 година, кој со декрет христијанството го прогласува за државна религија во Руското Царство, а за да го зацврсти братството со Македонското Царство на Цар Самоил се жени по четврт пат со самоиловата внука Македонката Марија од Охрид, од кој брак ги имаат двата сина Роман и Давид нивните монашки имиња Борис и Глеб, денес патрони на Руската Армија…
Истовремено да не заборавиме: Итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година; Итно и безусловно еднострано распуштање на македонско-бугарската меѓувладина комисија и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја; и Итно и безусловно продолжување на членството во Организцијата на Обединетите Нации под единственото државно име Македонија! А судбината на длабоката држава во САД од администрацијата на Доналд Трамп, треба да ја доживее и булументата на шарлатанот Зоран Заев кои го променија името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ што претставува преседан во светската историја на народите и државите!
После се’ и покрај се’ редно е Македонската влада да престане да се фали како мало дете дека по глава на жител Македонија дала најмногу оружје и воена помош за војната во Украина против Русија, кога американската администрација очигледно е дека нема да преговара со никој што сака да ја пролонгира војната во Украина за да ја прикрие својата одговорност и корупција, нема да преговара со никој што ќе испрати оружје и муниција во Украина, нема да преговара со никој што ќе се обиде да ја продолжи војната, туку ќе преговара за мирот, кој очигледно е многу цензуриран збор во Европската Унија!
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Колумната е личен став на авторот.