Во рамките на денешната седница на Советот на Град Скопје, советникот од редовите на политичката партија Левица, Реџеп Исмаил, во своето обраќање се осврна на неодамнешната прослава по повод промената на името на улицата „Втора македонска ударна бригада“ во „Адем Демачи“.
„Волјата на граѓаните на сегашната улица “Адем Демачи”, дали сакаат така да се вика улицата никогаш не е измерен, но и да е, ваша одговорност е да ги едуцирате граѓаните за интересот на Република Македонија“, истакна Исмаил.
Исмаил кажа дека во Втората македонска бригада имало еден куп албанци, а Адем Демачи не е ништо друго туку портпарол на УЧК. При тоа, според Исмаил, не се работело за политичка туку за идеолошка разлика потенцирајќи дека едните се партизани, а другите колаборационисти на фашитите.
Во продолжение Советникот од редовите на Левица додаде дека не можат да се именуваат имињата на улиците и инфраструктурните објекти, со имиња кои се навреливи за граѓаните на Република Македонија
„Не знам како ова име е поминато на Владата, член 6 од Законот вели дека не можат да се определат имиња на инфраструктурен објект, улица, мост и слично со кој се навредува угледот на РМ, се навредуваат националните чувства на граѓаните на РМ, на националните малцинства и исто така име кое го нарушува односот меѓу заедниците. Албанците тука имаат историја која не е поврзана со Адем Демачи“ истакна Реџеп Исмаил.