Ако сте во потрага по најчистиот и најуредениот град во Македонија тогаш дефинитивно треба да ја посетите Македонска Каменица. На 90 минути со автомобил од Скопје, никој не би очекувал дека се “крие“ вакво, мало, симпатично и толку средено гратче.
Парковите средени со цветни аранжмани, кејот на Каменичка река дефинитивно еден од најубавите во Македонија, тука се и неколкуте детски игралишта со сочувани реквизити, а низ Каменица нема да најдете ниту една оштетена клупа.
Највпечатлив секако е централниот парк на „Рударите“ каде се наоѓа и Храмот „Успение на Св. Богородица“. Во паркот покрај двете фонтани, доминираат и реквизити кои оставаат впечаток дека се наоѓате токму во најрударскиот град во Македонија.
Се чини и дека луѓето тука се малку поинакви. Нема да најдете расфрлани отпадоци, а корпите редовно се празнат.
„Тоа не е од сега. Тука со години наназад е чисто и убаво. Придонес за тоа има Општината, но и ние кои си го сакаме и чуваме градот“ изјави чичко Киро.
Македонска Каменица дефинитивно е примерот што треба да го следат и останатите градови низ Републикава.