Струмица, 8 септември 2024 (МИА) – Триесет и второто издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ традиционално почнува вечер, на Денот на независноста, а годинава на програмата се девет остварувања од земјава, Бугарија и Србија, кои ги одбра селекторот Љупчо Ѓоргиевски.
Завесата на ФКТ „Ристо Шишков“ ќе ја кренат актерите од струмичкиот театар со претставата „Црна Дупка„ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски
Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи ланскиот лауреат Јордан Симонов.
Во рамките на Фестивалот ќе се одржи промоција на списанието за култура и уметност „СУМ“, со разговор на тема „Благој Стефановски-лик и дело“.
Фестивалот ќе се одржи од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Струмица и Фондацијата „Заев-едно општество за сите“.
Од Ристо Тасев, Струмица Извор МИА