“Дупер” не личеше на ништо па му дадовме значење – искрено со дуото што ја раздвижи музичката сцена

Без калкулации и компромис со публиката, дуото “Дупер” го гради својот звук како искрен заеднички проект што природно еволуира со секоја нова песна. За името, студиските расправии, публиката што пее погласно од нив и концертот во Античкиот театар во Охрид, дуото составено од Борис Какуринов и Илчо Нечовски, зборува искрено и без филтер. 

 

   1. Зошто името „Дупер“?

Б: За сите други имиња веќе имавме некоја асоцијација во глава. Дупер не звучеше на ништо, па рековме да му дадеме некое значење.

И: Да, повеќе идеи ни се допаѓаа ама ни една не кликна како Дупер, иако доста се измачивме да го избереме и тоа на крај. Ептен е тешко да си смислиш име сам на себе.

 

  1. „Дупер“ првенствено звучи како проект кој не би сакал да се допадне секому по секоја цена. Намерно ли е тоа?

Б: Напротив. Ние сакаме тоа што ни се допаѓа на нас, да им го пренесеме и на другите и тоа на што е можно повеќе луѓе.

И: Дупер како заеднички проект расте и еволуира некако природно заедно со нас со секоја нова песна, спот и било што друго што можеме заедно да создадеме. Компромисот останува само помеѓу нас двајца, а ние секогаш се трудиме она што го чувствуваме и сакаме да го извадиме да му го доближиме на секој слушател најдобро што можеме.

  1. Која е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за вас?

Б: Ми се случило да ми кажат не очекував да сте толку нормални. Што и да значи тоа.

И: Искрено не ми текнува на ништо конкретно, ми значи секој пофален збор и критика што тој што чул нешто има да ми ги каже и мило ми е кога луѓето ги анализираат песните подлабоко и подетално. Сигурно имало нешто поинтересно, но го имам заборавено.

 

  1. Ако некој прв пат ве слуша, со која песна НЕ би сакале да ве запознае и зошто?

Б: Немам јас таква песна. Со која и да не запознае, тоа сме ние, какви што сме.

И: Се сложувам. Во секоја од песните има нешто што е дел и од нас и од Дупер како наше дете, па мислам дека е ферски да се слушнат сите и потоа да се прави проценка.

 

  1. За што најчесто се расправате во студио?

Б/И: За која мелодија како треба да се испее и дали има потреба од хармонија или е доволно и без.

 

  1. Имате ли песна што знаете дека публиката повеќе ја сака отколку вие?

Б: Не знам дали има такви, ама дефинитивно има такви што се пеат погласно од други.

И: Дефинитивно Рајот на земјата.

 

  1. Ви се случило ли да заборавите текст на сцена и како се снаоѓате?

Б: Еднаш, ама среќа јас не пеам.

И: Во последно време некако почнаа сами да ми доаѓаат зборовите, ама порано ми се случуваше. Само што лесно можев да се извадам, затоа што секогаш ги памтам мелодиите, а зборови се забораваат.

  1. Две ваши песни што обавезно мора да бидат изведени на секој настап?

Б:  Не сум твој тип е веќе очекувана, ама некои од оние што сум приметил дека посебно ги сакаат се „Пробај да ми бидеш“, „Пак и пак“ и „Некажано“.

И: „Не сум твој тип“, „Тело за на ТВ“, „Пробај да ми бидеш“, „Ние сме 2“, кои било две од овие.

 

  1. Кој од вас најчесто добива пораки „пушти ја оваа песна прва“ пред концерт?

Б: Не сум мерел тоа.

И: Не сме добиле такви пораки.

  1. Како реагирате кога некој од фановите прават ковер на вашите песни?

Б/И: Ептен ни е мерак. Така и гледаме дали е добра песната. Ако некој си ја пушта и пее по стопати, значи сме ја постигнале целта.

 

  1. Што ве држи мотивирани да продолжите напред?

Б: Никогаш не сум барал мотивација, затоа што музика правев дури и пред да издаваме и да има какви било реакции од публиката. На некој начин со музиката си ја задоволувам личната потреба за создавање и изразување, а сум среќен што начинот на кој го правиме допира до публиката и таа може лесно да се препознае во текстовите.

И: Мислам дека веќе и нема некоја преголема потреба од нешто да ме мотивира. Постепено се навикнувам на ова и сакам да ми биде дел од секојдневието и понатаму во животот. Кога нешто друго би ми предизвикувало такво чувство не би го оставил никогаш.

 

  1. Настап кој со нетрпение го чекате?

Б/И: Концертот на Антички театар во Охрид, 5 август 2026.

 

  1. Што да очекуваме следно од „Дупер“?

Б: Неколку нови песни, концерти и настапи. За брзо се надеваме и албум.

И: Да, во подготовки сме на нашиот втор албум кој би требало, се надеваме, да излезе што поскоро годинава. Не сме навикнати да чуваме готови песни неизвадени, па ќе биде голем предизвик и за двајцата. Можни се и неколку соработки исто така.

 

  1. Со која ваша песна би сакале да ги поздравите вашите фанови?

Б: Некажано.

И: МОЖЕ, МОЖЕ, МОЖЕ!

Н. Заовска

▶ Случајно видео

Сподели ја оваа објава