Општина Карпош, во соработка со Центарот за јавно здравје, започна иновативна акција за заштита од змиите. Денеска, стручните лица започнаа поставување на „Репелент“, природно средство кое има за цел да ги одбие влекачи од одредени површини. Оваа иницијатива прво беше реализирана во детските градинки „Кузман Јосифовски Питу“ и „Пецо Божиновски Кочо“ во населбата Козле, а наскоро ќе се прошири и на останатите делови на општината.
Акцијата опфаќа сите детски градинки, основни училишта, детски и спортски игралишта, паркови, како и околината на кејот на Вардар. Оваа мерка е особено важна во летните месеци, кога змиите се активни и можат да претставуваат закана за безбедноста на децата и граѓаните.
„Репелентот“ е природен производ, безбеден за луѓето, животните и околината. Содржи екстракција на етерични масла од различни тревки и дрвја, а неговото дејство се базира на ширење на мирисот на свеж оган, кој ги одбива змиите од приближување до обработените површини. Оваа ефикасна стратегија за превенција е дел од пошироката иницијатива на општината за подобрување на безбедноста и квалитетот на живот на своите жители.


