Грчката пратеничка Теописти Пети Перка јавно го критикуваше градоначалникот на Лерин (Флорина), Василеос Гианакис, поради, како што оцени, чин на цензура за време на традиционалната манифестација „Празник на огновите“, одржана во пресрет на Божиќ според Грегоријанскиот календар.
Во својот настап во грчкиот парламент, пратеничката од партијата Нова Левица посочи дека младата музичка група „Ендопика“, која настапувала на плоштадот кај судниците во Лерин, била спречена да ги изведува своите песни со текст, откако музичарите започнале да пеат песна на македонски јазик. Настапот бил прекинат по интервенција на градоначалникот, наводно поради негово лично незадоволство или притисоци од одредени кругови.
Перка остро реагираше на ваквата постапка, оценувајќи дека станува збор за недозволиво мешање во културниот и уметничкиот израз.
„Не смее да се дозволи мракот и национализмот да го потиснат културното наследство, традицијата и уметничкото изразување на нашата заедница. Музичката традиција, локалните мотиви и дијалектите се живи елементи на историјата и културната разновидност и не претставуваат закана“, истакна Перка во парламентот.
Сепак, познавачите на состојбите во Грција забележуваат дека и покрај критиката кон локалната власт, пратеничката не го спомна директно македонското малцинство ниту македонскиот јазик, туку говореше за „локален дијалект“. Ваквиот пристап, според аналитичарите, е вообичаен за грчката политичка сцена, каде и понатаму не се признава постоењето на македонска нација и македонски јазик во Грција, и покрај Преспанскиот договор од 2018 година.
„Демократијата и културата ги прифаќаат музиката и јазикот – тие не ги потиснуваат“, порача таа.
(ВИДЕО) Градоначалникот на Лерин го забрани пеењето на македонски песни

