Новата рунда преговори помеѓу Русија, САД и Украина заврши неуспешно. И покрај “ентузијазмот” на Трамп дека договорот е близку, реалноста е дека засега ниту Русија, ниту Украина и Европа не отстапуваат од своите црвени линии.
5 часовните преговори во Кремљ помеѓу претседателот Путин, неговите помошници Ушаков и Дмитриев и Виткоф и Кушнер, и покрај минималниот прогрес не доведоа до склучување на мировен договор. Тоа беше јасно и пред патувањето на Виткоф и Кушнер во Москва, бидејќи Американците не успеаја да постигнат договор со Украина и Европа за клучните спорни точки во врска со териториите, војската и НАТО. Како резултат на тоа, Виткоф и Кушнер отидоа на средба со Путин во Кремљ без дури ни прелиминарен документ што би ја задоволил Русија. Ова крај на ефикасноста на преговорите дури и пред нивниот почеток.
На крајот, по пет часа преговори во Кремљ, тие „се согласија да продолжат со преговорите“, а Виткоф и Кушнер ќе се вратат кај Трамп со одговор од Москва што содржи дополнителни упатства за потребата да се решат спорните точки од мировниот договор и повторно ќе се одржи нова рунда преговори со Русија и со Украина.
Интересно е дека вчера во Москва беше присутен и кинескиот министер за надворешни работи, Ван И, човек од доверба на претседателот Си. Ван И беше во Москва за “синхронизирање на часовниците” помеѓу Пекинг и Москва. Ван И имаше средби со Лавров и со Шојгу. Преку нив Всн И пренел порака од Си до Путин.
Сега Доналд Трамп се соочува со дилема со која се соочуваше постојано во последните шест месеци: или да се обиде повторно да изврши притисок врз Москва со закана дека ќе ја зголеми воената помош за Украина, или да се обиде повторно да изврши притисок врз Киев со закана дека целосно ќе ја прекине воената и разузнавачката помош. Но таква опција е тешка за реализација, со оглед на тоа дека Украина е важна и за демократите, и за републиканците. Плус “длабоката држава” во САД. Интересно е дека главниот преговарач на САД, Виткоф, иако е близок пријател на Трамп, е никој и ништо за американската бирократија – истата длабока држава – бидејќи не е ниту нивен ни корпоративно ни идеолошки. Најтврдокорните неоконзервативци во САД се исто против планот на Трамп.
Трамп нема влијание врз Киев или Европа, не може во моментов да ги принуди да го прифатат неговиот план и не може да и понуди на Москва ништо во замена за да се согласи да направи какви било отстапки. Затоа Трамп и неговата администрација започнаа кампања за борба против луѓето од доверба на Зеленски, и на претставници на ЕУ.
Постои и трета опција: целосно да го прекине секое активно учество во мировните преговори, дозволувајќи им на Русија и Украина да војуваат уште некое време, чекајќи момент на слабост од едната страна за повторно да се вклучи во борбата со идејата за договор.
Без оглед на тоа каква тактика ќе примени Трамп овој пат, постои силно чувство дека неговите лостови за навистина ефикасно влијание врз Русија и Украина се практично исцрпени.
Русија во моментов има силни преговарачки карти во рацете, стратешката воена иницијатива е на нејзина страна, а времето работи за неа. Москва нема да отстапи од своите црвени линии во моментов.
И иако Киев е очигледно многу поподложен на влијанието на САД, благодарение на поддршката од клучните европски земји, Украина се уште се чувствува доволно самоуверена за да се спротивстави на неповолните одредби од договорот кои што Трамп и ги предлага на Украина.
Иако дипломатијата сака тишина, многу е веројатно во наредните денови во западните медиуми да излезат информации и инсајди за преговорите во Москва.
Засега, за жал војната ќе продолжи, и многу е веројатно да има нова ескалација. Следи и активирање на поморската војна.
А доколку ЕУ донесе деновиве одлука за конфискација на замрзнатите руски средства, тогаш поблиску ќе бидеме до голема војна во Европа отколку до мировен договор.
Автор – Тодоровски Дарко
Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација и воен аналитичар
▶ Случајно видео
Пробај ја и оваа алатка:

